„Нашиот предлог беше да се формира заедничка работна група на Србија, Северна Македонија и Албанија која ќе се занимава со решавање на проблемите оваа зима, но и со потенцијална соработка на големи стратешки проекти и драго ми е што другите министри го прифатија овој предлог“, вели Михајловиќ
Вицепремиерката на Владата на Србија и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, денеска во Тирана изјави дека министрите од Северна Македонија и Албанија ја прифатиле иницијативата на Србија за формирање заедничка работна група за соработка во енергетската криза и за стратешки проекти.
Таа рече дека за енергетска безбедност на регионот во кризни услови потребна е солидарност, поврзаност и заедничка работа на стратешки проекти.
„Сите ние во регионот сме под голем притисок да се осигураме дека сè ќе биде доволно за зимата но важно е, покрај решавањето на тековните проблеми со снабдувањето, да разговараме и за стратешки проекти и потенцијални заеднички инвестиции кои ќе го направат целиот регион енергетски постабилен. Треба на двете патеки да работиме истовремено. Сите ние имаме одредени компаративни предности, одредени недостатоци и потреба да се обезбеди долгорочна енергетска стабилност. Нашиот предлог беше да се формира заедничка работна група на Србија, Северна Македонија и Албанија која ќе се занимава со решавање на проблемите оваа зима, но и со потенцијална соработка на големи стратешки проекти и драго ми е што другите министри го прифатија овој предлог“,
рече Михајловиќ.
Михајловиќ очекува работната група да почне со активности од следната недела и на претседателите и премиерите на трите земји да им се презентираат предлози за заеднички инвестиции меѓу кои како можни спомена соларни електрани, ветерни електрани, заедничко балансирање, пазарно поврзување, гасни интерконекции или подземни складишта за гас.
„Србија донесе нови закони во областа на енергетиката, најголем дел од подзаконските акти, при крај е со изработката на стратешките документи и има нов инвестициски план. Во тек е изградба на гасна интерконекција со Бугарија, која ќе овозможи диверзификација на изворите на снабдување, а планираме да се поврземе и со другите соседи, пред сè со Северна Македонија и со Романија“,
рече Михајловиќ.
На панелот, на кој учествуваа ресорните министри од Албанија, Србија и Северна Македонија, разговарано е за актуелната состојба во енергетскиот сектор во сите три земји, како и за можностите да се придонесе за поголема енергетска стабилност во регионот преку поблиска соработка и искористување на предностите на секоја земја.