Сојузната американска држава Пенсилванија е на пат да ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори. Федералниот суд во оваа американска сојузна држава ја отфрли тужбата со која тимот на претседателската кампања на Доналд Трамп побара поништување на неколку милиони гласови добиени по пошта на претседателските избори на 3 ноември.
Според првичните резултати, актуелниот претседател ја изгуби Пенсилванија од демократскиот кандидат за околу 80 000 гласови.
Американските медиуми оценуваат дека пресудата донесена од судијата Метју Бран е последна во низата удари за Трамп во неговите неуспешни напори да ги оспори резултатите од изборите од 3 ноември.
Судијата Бран ја опиша тужбата на тимот на Трамп како климав случај, исполнет со шпекулативни аргументи без основа.
Според сегашните проекции, Бајден освои 306, а Трамп 232 избирачки гласови, што го одредува победникот. Потребни се 270 избирачки гласови за влез во Белата куќа.