Утрово на регионалниот пат Струмица-Радовиш полицијата при преглед на товарно возило открила 43 мигранти. Возилото било со скопски регистарски ознаки, а возачот е приведен.
„При преглед на возилото, во товарниот дел биле пронајдени 43 лица – мигранти. Д.Ѓ. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“,
соопшти МВР.
Вчера, полицијата фати 17 мигранти во близина на Штип, кои не се движеле со помош на шверцери. Изминативе две недели прво беа фатени 40 мигранти, кај штипското село Лакавица, вториот случај беше на 1 март, кога полицијата и Регионалниот центар Исток во близина на штипската населба Три Чешми во камион фатија 78 мигранти, а двајцата шверцери беа лишени од слобода.
За осум дена во близина на Штип се фатени вкупно 135 мигранти.
Во саботата Алсат објави видео на кое се гледаат неколкумина мигранти како се движат покрај автопатот, во близина на граничниот премин Табановце, кои се поврзуваат со најновиот бран кој почна да го чувствува Грција по одлуката на Турција да им ги отвори границите кон европските земји.
Но, од МВР и од сите институции велат дека ситуацијата на државните граници е непроменета, а настаните во регионот постојано се следат. Притоа од МВР не се коментираа конкретната снимка.