Полицијата во рани зори фатила 78 мигранти кај штипската населба Три Чешми, јавува ТВ Телма. Откриени се откако камионот со скопски регистерски таблички во кои се превезувале не застанал на дадениот сигнал, по што шверцерите на мигранти се упатиле кон патот Штип-Кочани во изградба. Откако полицијата за кусо време го застанала камионот, во него се откриени 78 мигранти, меѓу кои има и деца и жени.
Околу четири часот во населбата Три чешми, полициски службеници од Регионалниот Центар -Исток и СВР-Штип сопреле товарно моторно возило со скопски регистарски ознаки управувано од 46-годишниот С.П. и 32-годишниот совозач Т.Р. – двајцата од Велес, кое претходно не застанало на даден знак, при што биле пронајдени 78 мигранти,
пишува во соопштението на СВР Штип.
Шверцерите на мигранти се лишени од слобода, а мигрантите се донесени во дворот на штипската полициска станица. Камерата на Телма ги забележала како одмораат на тревата, чекајќи да бидат превезени во некој од центрите. Полицијата во разговорите со нив треба да открие од кои земји доаѓаат, како влегле во земјава, колку платиле за транспортот до следната дестинација.