Од Фондот за здравствено осигурување на РСМ велат дека барањето на еден од родителите на Леонид Индов било одбиено како неосновано затоа што не се работело за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга – медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување
Како што пишува близок член на семејството на момчето, за неговото лекување во Виена се потребни 140 000 евра, односно 86 800 луѓе треба да свртат на броевите за донација (или 4,5 отсто од популацијата на земјава) за да се соберат потребните средства
Не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи по веста дека Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија го одбил барањето за лекување на младиот Леонид Индов во странство на трошок на Фондот.
Индов на почетокот на месецов (6 февруари) беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи. На настанот, кој беше и промоција на медикоптерот, присуствуваа дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, и директорот на Градската Општа болница „8 Септември”, д-р Христијан Костов.
Но две недели подоцна, односно вчера, беше објавена веста дека на Фондот за здравствено осигурување го одбил барањето на семејството на Индов – момчето да се лекува во Виена, затоа што такво „продолжено болничко лекување“ можело да се изврши и во здравствени институции во земјава.
Информацијата првично ја објави заменик-народниот правобранител Јован Андоновски, кој во објава на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека станува збор за срамна одлука и побара од ФЗО да ја преиспита.
„Откако претставници на државни институции се испофалија дека младиот Леонид е транспортиран со специјализираниот хеликоптер на лекување во Виена, следува шок за него и семејството! Леонид веќе неколку недели е на лекување во Виена. Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето! При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија. Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката“,
напиша Андоновски на социјалната мрежа.
По неговата објава и реакциите кои почнаа да се шират на социјалните мрежи, преку писмено соопштение се огласија од Фондот за здравствено осигурување на РСМ, од каде што велат дека барањето на еден од родителите на Леонид Индов било одбиено како неосновано затоа што не се работело за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга – медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.
„Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор. Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Под истите услови се користат во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Северна Македонија. Според одредби од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство, осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната универзитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на специјализирана медицинска рехабилитација, како што е и во конкретниов случај, нема право на надомест за трошоците на товар на Фондот. Според сето ова, Фондот и лекарските комисии одлуката за осигуреникот Л.И. ја донеле во согласност со горенаведените законски прописи“,
се вели во соопштението на Фондот за здравствено осигурување.
Заменик-народниот правобранител Андоновски денеска повторно преку објава на Фејсбук реагираше на наводите на ФЗО за случајот со младиот скопјанец прашувајќи дали Фондот манипулира со случајот на Леонид Индов.
„Во мислењето на лекарскиот конзилиум е наведено: да се овозможи болничко лекување (не рехабилитација), лицето се упатува на лекување во странство! ‘Во нашата установа, поради недостиг на искуство за третман на оваа состојба и недостиг на технички можности, ова лекување не може да се овозможи!’ Како тоа ФЗО тврди дека лекувањето може да се спроведе во државата? Во која установа? Одговорите на овие прашања ФЗО ги должи не само на Леонид и неговото семејство, туку и на целокупната јавност“,
вели Андоновски.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделува повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.
Како што пишува близок член на семејството на момчето, за неговото лекување во Виена се потребни 140 000 евра, односно 86 800 луѓе треба да свртат на броевите за донација (или 4,5 отсто од популацијата на земјава) за да се соберат потребните средства.
Истото лице, во објава на Фејсбук вели:
„До ФЗОМ. Се прашувам зошто го однесовте во Виена кога можело да го однесете во државна болница таму како велите сте имале усови да го третирате и лечите… Да ве потсетам немате соодветни душеци, Леонид еден месец како го легнавте не го станавте, хигиената ви е на ‘завидно ниво’, ‘персоналот обучен за вакви пациенти’, психолог немавте да најдете цел месец да го посети Лео, психички го ‘утепавте’, му направивте такви рани од кои една ќе треба година да се залечи… Сакате уште да ве потсетам..“
За случајот со младото момче денеска реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ, за што ги обвинија СДСМ и ДУИ, велејќи дека со нив секојдневно тоне сè и дека цената и на последните денови од нивното владеење е висока и чини животи.
Од партијата потсетуваат на начинот на кој Леонид Индов беше однесен во Виена, односно на промоцијата на медицинскиот хеликоптер на МВР и неговиот прв меѓународен лет за медицински цели.
„Дури рекоа ‘ова е историски чин и многу е важно да се истакне дека транспортот е бесплатен и му следува на секој осигуреник во Македонија’. Се фалеа рутата на медикоптерот била Скопје – Осиек – Виена, рекоа Индов ќе биде транспортиран до Виена и ќе се лекува во центар за рехабилитација во Виена. Летот на челниците од власта траеше кратко, за две недели стигна веста од ФЗО дека нема средства за лекување на Леонид. Прво, што имаше историско во летот? Второ, како се сликаат и се фалат за транспорт на пациент на кој за две недели му велат е нема да се лекуваш на товар на ФЗО. Овој случај за жал е само уште во низата докази за, во најмала рака кажано, неспособноста на надлежните од власта кои ја држат државата и граѓаните во заложништво седум години. Сега си играат со судбината на Леонид!“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.