Работам со владиниот тим за да ги видиме можностите и да преземеме дел од тие активности да бидат направени заради скопјани, а не заради политика, најави премиерот
Сите големи проекти во Скопје што се почнати и што им се потребни на скопјани, меѓутоа и на сите други градови, Владата во рамки на своите надлежности ќе направи сè за да може да ги доврши. Работам со владиниот тим за да ги видиме можностите и да преземеме дел од тие активности да бидат направени заради скопјани, а не заради политика, најави премиерот Димитар Ковачевски.
Тој рече дека на скопската градоначалничка Данела Арсовска нема да ѝ бидат одземени ингеренциите само за Универзалната сала туку и за другите големи проекти.
„Постојат и други проекти кои беа започнати, на пример, пречистителната станица на Градот Скопје, огромен проект што беше камен на сопнување за она што се случи во Градот, бидејќи очигледно членовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници во Градот Скопје се обвинуваат за поделба на провизии меѓу себе. Потоа, имаме брз автобуски превоз во Скопје, кој е одобрен проект, со финансирање од меѓународни институции и кој едноставно не се реализира. Погледнете ја клучката кај Момин Поток, огромен проект кој е во застој, патот до Визбегово, една исклучително важна сообраќајница која треба да ја поврзе индустриската зона Визбегово е исто така нешто што треба да се направи. Подвозникот кај зградите на ‘Лимак’ е речиси готов, меѓутоа обврска на Градот Скопје е да ги направи кружните текови кај ‘Нова Македонија’, ни милиметар од тоа не е направено. Јас работам со владиниот тим за да ги видиме можностите и да преземеме дел од тие активности да бидат направени, заради скопјани, не заради политика“,
рече премиерот Ковачевски.
Премиерот нагласи досега нема ништо од ветувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој пред само една година одеше по Скопје и кажуваше дека градот ќе ја добие најдобрата мајка и Скопје ќе стане најдобриот и најмодерен град во Скопје.
„Потоа тој излезе на прес-конференција и рече дека ќе обезбедел бесплатен превоз за граѓаните и дека ќе купел нови електрични автобуси и дека ќе се изградела фабрика за електрични автобуси. Од сето тоа не што нема ништо, туку и превозот што го имаше во Скопје го нема. Јас и од трибините во другите градови кажувам дека обврска на оваа Влада е дека мора да помогне на сите граѓани во рамки на капацитетите и можностите што ги има“,
додаде Ковачевски.