Николов доби и забрана за управување моторно возило, а изречена му е мерка притвор бидејќи судот сметаше дека тој може да избега ако биде на слобода

Осумнаесет години затвор е казната што Основниот суд во Велес му ја одреди на Ангелче Николов кој на 17 декември минатата година на пешачки премин удри единаесетгодишно девојче, кое почина на самото место. Казната му е изречена за тешки дела против безбедноста на луѓето и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Николов доби и забрана за управување возило во висина од пет години, казна која ќе се реализира по одлежувањето на затворската казна.
Судијката Габриела Гајдова, која го водеше процесот, појасни дека судот смета дека осудениот може да го повтори делото, поради што му ја продолжи мерката притвор сè до спроведување на казната затвор, во која му се засметува времето поминато во притвор.
Осудениот на 17 декември во 22:10 часот со брзина од 68 километри на час во алкохолизирана состојба ја удри на пешачки единаесетгодишната Магдалена, а нејзината мајка тешко ја повреди. По ударот, триесетгодишниот Николов не застанал да им укаже помош, туку побегнал со голема брзина и два дена се криеше од полицијата, по што самиот се пријави.
Полицијата на местото на настанот веднаш ги најде табличките од возилото, што беше олеснителна околност на полицијата да трага по сторителот.
„Обвинетиот по сторувањето на делото безобѕирно го напуштил местото на настанот, и не се обидел да ги поправи штетните последици предизвикани од негови дејствија. Се криел повеќе од 30 часа, не се интересирал што се случило со оштетените, а што се предал по толку време судот не го цени како олеснителна околност. Претходно, два пати е осудуван за сообраќаен прекршок, при што му се изрекувани забрани за управување на возило, што укажува дека се работи за лице со ниско ниво на сообраќајна култура, не почитува сообраќајни пропусти и изречените казни не влијаеле на него“,
кажа во образложението судијката.
Таа при изрекувањето на казната потенцира дека иако на првото рочиште Николов ја призна вината, во текот на целата истражна постапка не искажал вистинско каење и жалење за загубениот живот на 11-годишното девојче Магдалена.
„Признанието вина го зедовме како олеснителна околност, но како придонес за полесно завршување на постапката. Не го зеде како околност за позитивен став, односно судот не процени дека има искрено каење“,
рече судијката.
Адвокатот на семејството на загинатото девојче, Јанаки Митровски, за новинарите кажа дека е задоволен од пресудата и информира дека денеска до ОЈО поднеле кривична пријава и против трите лица кои вечерта на несреќата биле во автомобилот на Ангелче Николов и жителот на Превалец кој два дена го криел Николов од полицијата. Тој појасни дека има сведок кој кажува дека тие се вратиле на лице место на настанот и прашувале за девојчето.
„Работа на Обвинителството е да постапи по кривичната пријава. Има непосреден сведок дека тие се вратиле на самото место иако тие друго кажуваат во Обвинителството. И обвинителката истражувала зошто не пријавиле во полиција, а тие имаат некои бенигни објаснувања. Има непосреден сведок, кој вели дека се вратиле на самото место и прашувале за судбината на девојчето. Меѓутоа, кога самиот сведок ги прашал кој возеше, истите тие не сакале да откријат, што за мене е елемент за кривично дело“,
рече Митровски.
Тој додаде дека испаднатата регистарска табличка е она што директно довело до возилото.
„Да не испаднеше, ќе беше дискутабилно дали и ќе беше пронајден сторителот. За среќа, ако може и да се зборува за среќа во еден ваков настан, сторителот беше пронајден и казнет“,
додаде Митровски.