Претходно денеска осуда за случувањата на северот на Косово испрати и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој повика на отстранување на барикадите и деескалација на ситуацијата на овој дел од земјата. Тој додаде дека сите актери мора да избегнат ескалација и ги осуди нападите со шок-бомби врз припадниците на ЕУЛЕКС
Алијансата им се придружува на своите сојузници и на Европската Унија во острата осуда за нападот врз извидничката патрола на ЕУЛЕКС во Косово, изјави денеска портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
„Секој таков напад е неприфатлив и одговорните мора да бидат повикани на одговорност“,
напиша Лунгеску на Твитер.
Таа наведува дека мисијата на НАТО во Косово е исклучително внимателна и целосно способна да го исполни својот мандат.
„Ги повикуваме сите страни да избегнуваат провокативни акции и реторика и да придонесат за смиреност и стабилност“,
напиша Лунгеску.
Претходно денеска осуди за случувањата на северот на Косово испрати и високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој повика на отстранување на барикадите и деескалација на ситуацијата на овој дел од земјата. Тој додаде дека сите актери мора да избегнат ескалација и ги осуди нападите со шок-бомби на припадниците на ЕУЛЕКС.
Главните патишта на северот на Косово од вчера се блокирани, а административните премини Брњак и Јариње се затворени и за возила и за пешаци.
Блокадите ги поставија Србите од северот на Косово по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.