Мирот мора да се врати. ЕУЛЕКС ќе продолжи да се координира со косовските власти и КФОР. Сите актери мора да избегнат ескалација, напиша Борел на Твитер
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел повика на отстранување на барикадите и деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
„ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС или употреба на насилни, криминални дејствија на север“,
напиша шефот на европската дипломатија на Твитер.
Тој ги повика групите на косовските Срби веднаш да ги отстранат барикадите.
„Мирот мора да се врати. ЕУЛЕКС ќе продолжи да се координира со косовските власти и КФОР. Сите актери мора да избегнат ескалација“,
напиша Борел.
#EU will not tolerate attacks on @EULEXKosovo or use of violent, criminal acts in the north. Barricades must be removed immediately by groups of Kosovo Serbs. Calm must be restored. EULEX will continue to coordinate w/Kosovo authorities & KFOR.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) December 11, 2022
All actors must avoid escalation.
Во меѓувреме претседателот на Српска листа, Горан Ракиќ ги повика сите страни во актуелната ситуација на северот на Косово на мир и воздржаност.
„Од името на Српска листа и од моето име ги повикувам сите граѓани на мир и воздржаност. Да не паднеме на провокации“,
рече Ракиќ.
Тој додаде дека на сите им е потребен мир и продолжување на дијалогот за да им се даде простор на преговарачите кои би дошле до решение на оваа ситуација преку дијалог, а не со еднострани потези.
„Во оваа смисла, сакаме нашите уапсени сограѓани да бидат ослободени, бидејќи сите се свесни дека се работи за измислени обвиненија, но бараме и да се спречи каков било упад на косовската полиција или други единици на северот на Косово и Метохија“,
порача Ракиќ и ги повика граѓаните да овозможат движење на КФОР и ЕУЛЕКС.
Во Приштина, како што соопштија од кабинетот на премиерот Албин Курти денеска ќе заседава Советот за безбедност на Косово.
Нема детали за времето на одржување на седницата на Советот, но се наведува дека по седницата ќе се одржи прес-конференција на која се очекува да присуствуваат премиерот Албин Курти и министерот за внатрешни работи Џелал Свечла.
Косовските Срби вчера почнаа да се собираат и да поставуваат барикади откако вчера беше уапсен Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција.
Северот на Косово сè уште е блокиран од граѓаните и полицијата, а затворени и понатаму се граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ меѓу Србија и Косово и преку нив не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил.
Вчера дел од медиумите пренесоа соопштение на косовските власти во кое с етврди дека група лица од барикадите пукале кон косовската полицијата распоредена кај Газиводе, која возвратила на оганот. Вчера, како што беше соопштено, со шок-бомба биле нападнати и припадници на Мисијата на ЕУ за владеење на правото – ЕУЛЕКС во близина на барикадите кај селото Рударе на северот на Косово.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека официјален Белград ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на Косово.
Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.
Вучиќ изјави дека Србија го испраќа барањето за распоредување на армијата и полицијата „во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
На изјавата на Вучиќ реагираше косовскиот премиер, Албин Курти, кој на Фејсбук напиша дека Косово не сака конфликт, но на агресијата ќе одговори со сета сила што ја има.
Претходно, претседателката на Косово, Вјоса Османи на прес-конференција соопшти дека по разговорите со политичките партии е донесена одлука вонредните локални избори на северот на Косово, што беа закажани за 18 декември, да се одложат за април 2023 година.