Помалиот коалициски партнер во австриската влада – Зелените, од каде сметаа дека Курц (по отворената истрага) е недостоен за функцијата и вчера почнаа разговори со опозицијата за да иницираат гласање доверба, вечерва оцени дека оставката е „вистинскиот чекор за идната владина работа“
Лидерот на Зелените и австриски вицеканцелар, Вернер Коглер, ја поздрави одлуката на Себастијан Курц да се повлече од канцеларската позиција откако јавното обвинителство отвори истрага против Курц и уште деветмина други под сомнение дека преку Министерството за финансии биле плаќани реклами (со јавни пари) во весник во замена за објавување манипулирани анкети и известување во полза на Курц.
„Верувам дека ова е вистинскиот чекор за идната владина работа“,
оцени лидерот на Зелените во писмена изјава.
Притоа, тој додаде дека имал „многу конструктивни“ работни односи со Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи, кого Курц го предлага за негов наследник на канцеларското место.
Изјавата на Коглер значи дека Зелените остануваат дел од владината коалиција со поголемиот партнер – Австриската народна партија (ОВП), чиј лидер е Курц, кој, пак, најави дека ќе се пресели во парламентот како шеф на пратеничката група. Зелените, кои сметаа дека истрагата го прави Курц недостоен за функцијата, вчера започнаа разговори со три опозициски партии со намера да поднесат иницијатива за гласање доверба на владата веќе во вторник. Новиот развој на настаните го става ад акта ваквото сценарио.
Пред вечерашната прес-конференција, австриски медиуми јавија дека Курц само привремено се повлекува од канцеларското место, но тој на пресот не кажа такво нешто. Отрфлајќи ги уште еднаш наводите како лажни, рече дека ќе гради и постави своја одбрана.
„Јас, се разбира, ќе ја искористам можноста да ги побијам и отфрлам обвинувањата против мене“,
рече вечерва Курц.
Првичните коментари се дека тој, од новата позиција, ќе продолжи да влијае на одлуките и политиките на владата. Идниот канцелар Александер Шаленберг е дипломат од кариера, без партиски стаж во ОВП.