Шефот на австриската дипломатија, Александер Шаленберг, во вечерашното интервју за „360 степени“ вели дека Западен Балкан е најевропскиот регион и на него не треба да се гледа како заден двор, туку како трем. Тој вели дека веќе се доцни со отпочнување на преговорите за членство во ЕУ за С Македонија и Албанија.
„Ние, зборувам во име на Австрија, сакаме да почнеме пристапни разговори со Северна Македонија и со Албанија, сметаме дека веќе се доцни – тоа требаше досега да го направиме и постојано работиме на ова прашање. Како што секогаш велам, овде не станува збор за европски заден двор, како што некои го гледаат, туку за европски трем, овој регион е опкружен од земји членки на ЕУ, нема регион што е поевропски од Западен Балкан, а ние Австријците имаме многу тесни врски – емотивни, човечки, економски, политички и оттука би било најприородно да ве имаме вас како партнери и полноправни членки на ЕУ“,
вели Шаленберг.
На прашањето околу губењето на кредибилитетот на ЕУ, бидејќи покажува немоќ со неможноста да се отпочнат преговорите со С Македонија и Албанија, Шаленберг вели дека
верува оти 26 земји членки се „за“ овој процес да се случи.
„Апсолутно сте во право, ова е проблем. Верувам, сè уште верувам, дека мнозинството земји членки апсолутно се „за“ почеток на пристапните разговори, би кажал речиси 26 членки, ако не и 26 земји членки се „за“. Свесни сме за прашањата и знам дека португалското претседателство напорно работеше за тие прашања и имам високи очекување од словенечкото претседателство дека ќе продолжи со напорите и, повторно, би кажал дека за овој регион има само една перспектива – европска. Ова го велам зашто е европски регион, а и за самата Европа и за нејзиниот интерес – наш интерес е Западен Балкан да биде полноправен член на ЕУ“,
вели Шаленберг.