„Ние имаме интерес бугарската заедница да се чувствува добро во својата држава, во Република Северна Македонија да си ги има сите свои права, меѓутоа и обврски кон државата и кон другите граѓани. Така што се надевам дека ќе се воспостави редовна комуникација и бугарската заедница ќе може слободно да формира и клубови и да се здружува, меѓутоа на начин од кој нема другите граѓани да се почувствуваат навредени и провоцирани“, изјави денеска шефот на дипломатијата прашан за коментар во врска со здружението „Цар Борис Трети“ за кое најверојатно денеска ќе се знае дали и тоа како „Иван Михајлов“ од Битола ќе биде избришано од Централниот регистар
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска не сакаше да ги коментира случувањата со здружението „Цар Борис Трети“ за кое најверојатно во текот на денот ќе биде познато дали ќе биде избришано од Централниот регистар. Наместо тоа, министерот за надворешни работи искажа генерален став дека е потребна постојана комуникација со бугарската заедница во земјава за да ѝ се објасни дека отворањето клубови со провокативни имиња најмногу им штети ним самите.
Османи посочи дека до втори април, за кога се закажани парламентарните избори во Бугарија, ќе се воздржи од коментар на теми што се однесуваат на односите меѓу Скопје и Софија бидејќи, како што истакна, таму политичарите се во кампања, а во такви ситуации го губат разумот и даваат изјави на кои потоа самите стануваат жртви.
„Јас кажав дека во овој период внимавам во однос на коментарите во врска со односите со Бугарија поради изборите таму, затоа што видовме во минатото дека политичките партии во кампања го губат разумот даваат ставови кои на моменти изгледаат како да се во функција на кампањата, меѓутоа по изборите политичарите стануваат жртви на сопствените ставови искажани во кампања. Така нашето прашање во Бугарија стана субјект на ставовите кои бугарската политика ги изгради во овие чести кампањи кои ги имаше во последните две години и затоа внимавам барем до втори април да не го коментирам“,
изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по неформалниот министерски состанок на САД – Јадранската повелба.
Сепак, зборувајќи во генерален контекст, шефот на македонската дипломатија рече дека акциите за отворање на клубови и здруженија со провокативни имиња најмногу ѝ наштетија на самата бугарска заедница во земјава.
„Ние имаме интерес бугарската заедница да се чувствува добро во својата држава, во Република Северна Македонија да си ги има сите свои права, меѓутоа и обврски кон државата и кон останатите граѓани. Знаејќи го нашето искуство кое не беше лесно во интегрирањето на заедниците во една функционална мултиетничка демократија која ја изградивме и сме горди и препознаени во светот по тој квалитет мислам дека и бугарската заедница треба да учи од тоа претходно искуство дека само стекнувајќи ја довербата на граѓаните, стекнувајќи ја довербата на останатите заедниците ќе можат да бидат рамноправни во оваа наша заедничка држава. Така што се надевам дека ќе се воспостави редовна комуникација и бугарската заедница ќе може слободно да формира и клубови и да се здружува, меѓутоа на начин од кој нема другите граѓани да се почувствуваат навредени и провоцирани“,
рече шефот на дипломатијата.
Дел од бугарската заедница во земјава е жртва на нечии злонамерни цели, посочи Османи говорејќи во истиот контекст, без да навлегува во детали околу овој негов став.
Тој посочи дека истите ставови по овие прашања ги кажува и пред претставниците на земјите членки на Европската Унија, а нивна дополнителна вредност е што доаѓаат од човек од кој не е од мнозинската заедница во државата.
„Јас се надевам дека ќе се воспостави една редовна комуникација во која ќе се сфати дека во оваа држава заедниците како во ниедна друга држава која јас ја знам не ги уживаат своите и колективни права и тоа доаѓа од човек кој не доаѓа од мнозинската заедница и тоа има дополнителна вредност затоа што го кажува човек од втората по големина заедница во државата и тоа го зборувам и пред земјите од Европската Унија и се разбира моето кажување има поголем кредибилитет кај нив бидејќи стандардно мнозинските заедници секогаш ја бранат својата позиција во однос кон помалите заедници. Но, кога тоа доаѓа од другите тоа има поголема тежина, а јас тврдам дека Република Северна Македонија има едно такво ниво на индивидуални и колективни права кои можат да послужат за пример не само во регионот туку и пошироко“,
заклучи шефот на македонската дипломатија.
Инаку денеска, како што најави министерот за правда Кренар Лога на вчерашниот брифинг со новинарите, владината Комисија за употреба на имиња на историски личности треба да одржи седница на која треба да донесе заклучок во врска со здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.
Врз основа на заклучокот на Комисијата, министерот Лога потоа треба да донесе одлука да здружението ќе биде избришано од Централниот регистар.
Централниот регистар на 16 март соопшти дека го одбил барањето на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид за усогласување со Законот за здруженија и фондации поради некомплетна документација и за тоа го извести министерството за правда, односно Комисијата за употреба на имиња на историски личности.
Истиот ден, на 16 март, кога и истекуваше рокот во кој надлежните требаше да одлучат за двете здруженија, министерот за правда, Кренар Лога донесе решение врз основа на мислењето на Комисијата за бришење на здружението „Иван Михајлов“ од Битола од Централниот регистар.
Ова ги налути официјалните бугарски претставници, па така претседател на Бугарија, Румен Радев, ја оцени одлуката на македонските власти како израз на немоќ и паника. По истиот повод, министерството за надворешни работи на Бугарија ја обвини земјава ги крши принципите на ЕУ, односно Европската конвенција за човекови права.
Случаите со двете бугарски здруженија во земјава произлегуваат од измените на законите за политички партии и за здруженија и фондации кои Собранието ги донесе на почетокот на ноември лани.
Според измените се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл.