Шефот на дипломатијата се надева дека во Охрид ќе биде постигнат договор, кој ќе гарантира одржлива стабилност за регионот
Очекувањата се големи бидејќи таков е политичкиот моментум, изјави во интервју за Радиотелевизија на Косово (РТК) министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со очекувањата од денешниот дијалог на високо ниво за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што се одржува во Охрид.
Османи, кој воедно е и актуелен претседавач со ОБСЕ, потенцира дека со самиот факт што Северна Македонија е одбрана да биде на некој начин вклучена во овој процес, е големо признание за новата меѓународна улога што ја има земјата.
„Мислам дека симболиката на оваа средба што се одржува во Охрид е одраз на успехот на Охридскиот договор бидејќи се одржува во тие простори. Охридскиот договор денес се препознава како најуспешниот меѓународен договор во овој регион, постигнат со посредство на САД и ЕУ. Ова е една порака дека САД никогаш не разочарале во овие процеси“,
изјави Османи.
Шефот на дипломатијата се надева дека во Охрид ќе биде постигнат договор, кој ќе гарантира одржлива стабилност за регионот.
Охрид е местото каде што денеска се одржува нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина.
Средбата на Вучиќ и Курти во Охрид е продолжение на состанокот што двајцата го имаа на 27 февруари во Брисел во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. што се води под покровителство на Европската Унија. Како што претходно беше најавено, ќе се разговара за анексот на предлогот на Европската Унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни на претходната средба.