Европската комисија е најобјективниот проценител на работата на одредени институции, особено во услови кога се почнати преговорите. Кој и да прави проценка, има доза на субјективизам, единствено Европската комисија прави проценка согласно одредени објективни параметри, вели Османи

Шефот на македонската дипломатија, портпарол и еден од најистакнатите членови на раководството на ДУИ, Бујар Османи, денеска им одговори на критиките што дел од неговите сопартијци ги упатуваат до министрите од партијата во Владата.
„Не би коментирал неформални оцени од кого било. Ако почнеме да коментираме секакви неформални коментари по однос на нашата работа, тогаш кога ќе имаме време да работиме“,
рече Османи на денешната прес-конференција давајќи коментар на новинарско прашање.
Според него, проценката на работата на МНР ја прават објективни институции како што е Европската комисија.
„Европската комисија е најобјективниот проценител на работата на одредени институции и посебно во услови кога се почнати преговорите. Кој и да прави проценка има доза на субјективизам, единствено Европската комисија прави проценка согласно одредени објективни параметри“,
додаде Османи.
Тој рече дека се гордее со Министерството за надворешни работи за 2022 година бидејќи тоа единствено ја доби најдобрата оценка многу добар прогрес, односно многу добро унапредување во постигнување на целите.
„Меѓутоа постојат и органи во рамките на државата и партиите од кои доаѓаме кои ја прават таа проценка. ДУИ е партија која има свои органи и тоа е единствена партија која има шест органи внатре кои прават внатрешен чек баланс што го немаат другите партии. Тргнувајќи од Конгрес, преку Централен одбор, Централно претседателство, Конгрес на постојаноста, Национален совет и Совет на мудрите и таму се прават оценките и се носат одлуките“,
рече Османи.
Одговорите на Османи доаѓаат откако во саботата „огнената група“ во Студеничани ја одржа првата од низата средби што ги најавија со граѓани и членови на партијата. На средбата беа присутни и членови на раководството и органите на ДУИ, Кастриот Реџепи, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Муса Џафери. „Огнените“ рекоа дека се непоколебливи во поддршката на лидерот Али Ахмети, но додадоа дека „не треба да се пали јорганот за неколку болви“.
Потпретседателот на партијата, Изет Меџити, порача дека перформансите на извршната власт во последните две години се многу слаби.
На средбата, претседателот на Надзорниот совет на ДУИ, Муса Џафери, истакна дека во Владата се креира место за влез на Алијанса за Албанците, а не се гледа што се случува во ДУИ.
Организацискиот секретар на ДУИ и градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, порача дека тие не се заинтересирани да бидат дел од Владата, туку дека бараат да се почитува мерит-системот.
Кон крајот на минатата година „огнената“ група од ДУИ повторно го крена гласот против своите сопартијци кои се дел од извршната власт бидејќи, како што рекоа, не се остварени изборните ветувања и бараат министрите од редовите на нивната партија да заминат од функциите.
Тие повторно го апострофираа незадоволството од првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи потенцирајќи дека на последната анкета на ИРИ двајцата имале најслаби резултати, а рејтингот на албанската опозиција за првпат е поголем од тој на ДУИ.