Минатата недела шефот на дипломатијата најави дека откако во Виена ќе ги претстави приоритетите на претседавањето со ОБСЕ, планира првата посета во оваа улога да му биде на Киев, Украина
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска ќе престојува во Виена каде што во својство на претседавач со ОБСЕ ќе ја презентира програмата на претседавањето на С Македонија со организацијата.
„Во обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, министерот Османи ќе зборува за предизвиците со кои се соочува Организацијата, нашата визија и планови како претседавач во 2023 година. Тој ќе оствари средба и со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, на која ќе се разменат мислења за проектираните активности во насока на промоција и операционализација на зацртаната приоритетна агенда“,
информираат од Министерството за надворешни работи.
Според агендата за посетата на Виена, министерот Османи ќе оствари средба со неговиот австриски колега, како и со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Алаин Берсет, а на кои ќе се разговара и ќе се разменат мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ, и за улогата на во справувањето со последиците предизвикани со агресијата на Руската федерација врз Украина.
Во работниот дел, како што наведуваат, министерот Османи ќе оствари средби и со раководните структури на независните институции, теренските мисии, останатите извршни тела на ОБСЕ, како и со специјалните претставници на претседавачот.
Минатата недела, шефот на дипломатијата најави дека откако во Виена ќе ги претстави приоритетите на претседавањето со ОБСЕ, планира првата посета во оваа улога да му биде на Киев, Украина.
Северна Македонија од 1 јануари го презема претседавањето со ОБСЕ – најголемата регионална безбедносна организација во која членуваат 57 земји и 11 медитерански и азиски земји-партнери на Организацијата. Претседавањето се случува во време кога светот повторно се соочува со најголемиот предизвик – руската воена агресија во Украина, која претставува флагрантно кршење на Повелбата на ОН, основните премиси на меѓународното право, а пред сè, вредностите на хуманоста.
Мотото на претседавањето ќе биде „За луѓето се работи“.
Северна Македонија како дел од тројката претседавачи, а согласно утврдениот формат, лани претседаваше со Медитеранската група партнери на ОБСЕ – Алжир, Египет, Израел, Јордан, Мароко и Тунис и притоа како копретседавач во првата година од нашето учество во тројката ја организираше Медитеранската конференција меѓу ОБСЕ и земјите медитерански партнери во Јордан.
Северна Македонија во 2023 година ќе го преземе и претседавањето со уште две платформи: Јадранската повелба – А5 и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа – (ПСЈИЕ) од јуни.