Министерот за надворешни работи минатата недела најави дека откако ќе ги претстави приоритетите со претседавањето со ОБСЕ, планира првата посета како претседавач со организацијата да му биде Киев
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, в четврток ќе престојува во Виена каде во својство на претседавач со ОБСЕ ќе ја презентира програмата на претседавањето на Северна Македонија со организацијата во 2023 година.
„Во неговото обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, министерот Османи ќе зборува за предизвиците со кои се соочува Организацијата, нашата визија и планови како претседавач во 2023 година. Притоа, тој ќе оствари средба и со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, на која ќе се разменат мислења за проектираните активности во насока на промоција и операционализација на зацртаната приоритетна агенда“,
најавија од Министерството за надворешни работи.
Според агендата, предвидено е Османи да има средби со неговиот австриски колега, како и со претседателот на Швајцарија, Анаин Берсет, на кои ќе разговара за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ и за агресијата на Русија врз Украина.
Минатата недела, шефот на дипломатијата најави дека откако во Виена ќе ги претстави приоритетите на претседавањето со ОБСЕ, планира првата посета во оваа улога да му биде на Киев, Украина.
„Да, планирам првата посета како претседавач на ОБСЕ да ми биде Украина затоа што верувам дека Украина веројатно ќе го доминира претседавањето иако се надевам ќе се сменат околностите во текот на годината, па ОБСЕ ќе има една поинаква улога во воспоставување на мирот и прекинување на агресијата. Планирам, кон средината на јануари првата посета да ми биде на Киев, откако на 12 јануари во Виена ќе ги презентирам приоритетите на нашето претседавање“,
изјави Османи на 4 јануари.
Во врска со претседавањето со ОБСЕ и војната со Украина, денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека разговарал и со премиерот Димитар Ковачевски со кого рече, имале суштински разговор.
За средбата се огласија и од кабинетот на Ковачевски од каде посочија дека премиерот ја пренел поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во оваа брутална и неоправдана воена агресија од Русија.