Телефонскиот разговор Зеленски-Ковачевски го потврдија и од Владата. Оттаму информираат дека македонскиот премиер му ја пренел на украинскиот претседател поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија што Русија ја врши врз Украина
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на брифинг со новинарите на кој ги претстави приоритетите што ќе бидат во фокусот на едногодишното претседавање на земјава со ОБСЕ, меѓу другото, посочи дека темата за Украина ќе доминира со претседавањето на С Македонија со ОБСЕ, а каква ќе биде комуникацијата со Русија и дали таа ќе се претвори во некаков суштински дијалог ќе зависи од тоа кој ќе биде односот на Москва кон принципите и заложбите на Организацијата
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на социјалните мрежи објави дека имал телефонски разговор со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
„Имав суштински разговор со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на почетокот на претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија. Разговаравме за ризиците од ескалација на фронтот, натамошната одбранбена соработка и продлабочување на билатералните односи меѓу нашите земји“,
напиша Зеленски на Фејсбук.
Телефонскиот разговор Зеленски-Ковачевски го потврдија и од Владата. Оттаму информираат дека македонскиот премиер му ја пренел на украинскиот претседател поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија што Русија ја врши врз Украина.
„Војната што Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата што Русија ја врши е за најсилна осуда бидејќи, освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“,
истакнал премиерот Ковачевски.
Двајцата разговарале и за досегашната помош и поддршка што ја Северна Македонија ја обезбедува за Украина.
Посебен фокус на разговорот беше развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната, додаваат од Владата.
„Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, ќе ја посетам Украина“,
нагласил премиерот Ковачевски.
Македонија го презема претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација. Во наредните 12 месеци земјава ќе биде на кормилото на ОБСЕ, организација во која членуваат 57 земји од 3 континенти, која се протега од Ванкувер до Владивосток.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите на кој ги претстави приоритетите што ќе бидат во фокусот на едногодишното претседавање на земјава со ОБСЕ, меѓу другото, посочи дека Украина ќе доминира со претседавањето на С Македонија со ОБСЕ, а каква ќе биде комуникацијата со Русија и дали таа ќе се претвори во некаков суштински дијалог ќе зависи од тоа кој ќе биде односот на Москва кон принципите и заложбите на Организацијата.
„И тука ние како претседавачи нема да дозволиме никакви компромиси“,
изјави Османи.
Тој во своето излагање потсети дека во моментов во Украина нема мисија на ОБСЕ затоа што Русија стави вето на мисијата, а С Македонија како претседавач ќе треба да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина.
„Се обидуваше полското претседавање преку некои дополнителни буџетски механизми, избегнувајќи ги основните инструменти на ОБСЕ, за да се врати повторно на терен. Ние ќе треба да најдеме начин како да го вратиме ОБСЕ во Украина, како да придонесеме за да овозможиме прво во воспоставување мир, а потоа, се разбира, и во имплементирање на мирот и во олеснување на животот на луѓето. Во фокусот ќе бидат прашањата како ќе комуницираме со Русија. ОБСЕ можеби е моментално единствената организација каде што има некаква комуникација со Русија и ние комуницираме со Русија, меѓутоа во Виена, но дали таа комуникација со Русија ќе се претвори во некаков суштински дијалог по однос на прашањата на ОБСЕ ќе зависи од тоа кој ќе биде односот на Русија кон принципите и заложбите на ОБСЕ. Ние како претседавачи сме чувари на заложбите и принципите, причините заради кои постои ОБСЕ, столбовите на Организацијата и, ако некој ги руши, вие не можете само поради тоа што сакате да постигнете некаков резултат и консензус да имате таков трансакциски однос и да одите преку тоа. Значи, нема да одиме преку прекршување на заложбите и принципите за кои сме надлежни. Значи ние, Северна Македонија, во 2023 година сме чувар на заложбите и принципите на ОБСЕ преку сите нејзини документи и нема да дозволиме компромис бидејќи ако правиме компромис со основните принципи тогаш чуму организација и што ќе ни е безбедносната архитектура“,
рече Османи.