На маргините од министерската сесија, Османи се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, со која, како што соопштија од МНР, дискутираа за повеќе актуелни теми, вклучително и за иднината на Организацијата, како и за пошироките импликации на воената агресија од хуманитарен, безбедносен, геополитички и економски аспект врз Европа
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Торино учествуваше на 132-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, на која се изврши и примопредавање на претседателството со Комитетот од Италија на Ирска за следниот шестмесечен период.
Како што соопштија од МНР, дискусиите на министрите беа насочен и кон последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина, што меѓу другото доведе и до исклучување на Руската Федерација од Организацијата во март оваа година. Во тој контекст, беа разменети мислења и во однос на улогата и следните чекори и приоритети на Советот на Европа.
„Министерот Османи нагласи дека Северна Македонија, од самиот почеток на воената агресија, се приклучи кон изјавите, иницијативите и мерките преземени во рамки на мултилатералните форуми за нејзина осуда, вклучувајќи ги и санкциите на ЕУ. Исто така, ја нагласи потребата Советот на Европа да продолжи со активна помош на Украина и солидарност со нејзините граѓани, имајќи го предвид мандатот, но и акумулираната експертиза во доменот на човековите права, демократијата и владеење на правото“,
се вели во соопштението.
На маргините од министерската сесија, Османи се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, со која, како што соопштија од МНР, дискутираа за повеќе актуелни теми, вклучително и за иднината на Организацијата, како и за пошироките импликации на воената агресија од хуманитарен, безбедносен, геополитички и економски аспект врз Европа.
„Исто така, разговараа и за статусот и очекувањата во однос на ЕУ-интегративното досие на Северна Македонија и, во тој контекст, потребата од позасилена регионална динамика. Северна Македонија и Советот на Европа остануваат партнери во зачувувањето на европските вредности на патот кон полноправното членство во ЕУ. На крај, министерот Османи ја запозна соговорничката и со текот на подготовките за претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023“,
соопштија од МНР.