Шефот на дипломатијата пред неколку седмици беше на средба во Софија со својата бугарска колешка, по што опозицијата во земјава обвини дека се разговарало за нов договор, налик на Преспанскиот
Шефот на дипломатијата Бујар Османи очекува следната седмица да се обезбеди, како што вели, формат за средба со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева бидејќи, посочува, навистина се ближат деновите кога Советот на ЕУ треба да донесе одлука.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има средба со неговата бугарска колешка, Османи рече дека тоа е можно уште следната недела, но, како што посочи, сѐ уште е рано да се каже за форматот и местото.
„Се обидуваме да најдеме начин да се видиме. Сигурно, да не беше пандемијата, досега ќе се видевме неколкупати, иако ние сме во постојана комуникација со министерката. Се надевам дека следната недела ќе се обезбеди формат да седнеме и да разговараме, бидејќи навистина се ближат деновите кога треба Советот да донесе одлука“,
изјави Османи.
Во однос на коментарите дека САД го напуштиле Балканот, Османи рече дека Северна Македонија била и останала пример како, кога САД и ЕУ соработуваат во надминување на разликите и проблемите во регионот, се постигнува исклучителна синергија.
„САД и сега се ангажирани во рамки на меѓународната заедница да го олеснат овој дијалог, но нормално дека ова е билатерално прашање, кое се развива согласно Договорот потпишан меѓу двете земји во 2017 година, кој јасно ги предвидува механизмите за надминување на разликите. Ние сме во постојан контакт со претставниците на САД, како што сме во постојан контакт и со претставниците на ЕУ и тие се ангажирани и во оваа ситуација, како што секогаш биле ангажирани во надминување на проблемите кај нас“,
изјави Османи.
Османи пред неколку седмици беше во Софија на средба со Захариева, а разговараше и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, што беше негова прва билатерална посета по преземањето на министерската функција за надворешни работи.
Откако Османи се врати во Скопје, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски пласираше информации дека на средбата со Захариева се разговарало за нов договор меѓу двете земји, налик на Преспанскиот, кој би предвидувал и уставни измени.
Бриселски „Политико“, пак, вчера излезе со информации за наводен „бугарски компромис“ за официјален старт на преговорите на С Македонија со ЕУ, така што Софија би ги признала македонските јазик и идентитет, а Скопје за возврат ќе ја признае „историската вистина“ – дека јазикот и идентитетот имаат бугарски темели.