Соговорниците се осврнале и на итната помош што ЕУ ќе ја додели на нашата земја, како и на пренамената на дел од средствата од ИПА-фондовите
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска разговараше преку видеоврска со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, при што се разменети размислувања за активностите на Владата и на Координативниот штаб во справувањето со предизвиците од епидемијата ковид-19, како и можностите за подлабока соработка во оваа насока со институциите на ЕУ.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, соговорниците се осврнале и на итната помош што ЕУ ќе ја додели на нашата земја, како и на пренамената на дел од средствата од ИПА-фондовите.
„Итната помош од четири милиони евра, но и ослободувањето на преку 60 милиони евра од ИПА-средствата за справување со социо – економските предизвици претставуваат значајна помош од стана на ЕУ. Особено радува фактот што земјата станува дел и од заедничкиот европски механизам за заштита од ковид19, преку учество и во заедничката набавка на ЕУ за медицински средства за оваа намена“,
истакна Османи.
Вархеји истакнал дека како земја преговарач, Северна Македонија доби пристап и до Ееропскиот солидарен фонд, од каде што заедно со земјите – членки на ЕУ ќе бидат соодветно распределени средствата за солидарно справување со предизвиците од ковид 19.
Османи упатил и лична благодарност до еврокомесарот Вархеји за неговиот личен придонес за одлуката за пристапни преговори со ЕУ.
„Пренесувам искрена благодарност во името на целата влада и во име на граѓаните на Северна Македонија за историскиот успех на земјата конечно да добие одлука за почеток на преговорите“,
истакнал Османи.