Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во функција на национален координатор за распределба на странска помош во земјава, денеска одржа видеоконференција со амбасадорите на земјите членки на ЕУ за потребите, согледување на можностите и соодветна координација на донациите и директната поддршка за справување со предизвиците од ковид-19.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Османи во името на Владата и на граѓаните на земјава се заблагодари за досегашната поддршка и помош во справувањето со предизвиците на пандемијата, како во рамките на институциите на ЕУ така и за досегашната билатерална поддршка која, како што рече, секојдневно пристигнува.
„Вклучувањето на Република Северна Македонија во Европскиот солидарен фонд, во Договорот за заедничка набавка на медицински средства, во цивилната заштита на ЕУ итн., претставува вистински показател за интеграцијата на земјата во ЕУ, а директната билатерална поддршка на дело ја демонстрира европската солидарност, која ќе ни помогне од оваа криза да излеземе уште посилни“,
истакна Османи.
Вицепремиерот за европски прашања пред амбасадорите ги претстави активностите на Владата и на останатите тела за координација на активностите за справување со кризата, особено на улогата на СЕП како институција задолжена за координација на целата странска помош во земјава, вклучувајќи ја и поддршката во справувањето со предизвиците од пандемијата.