Медијацијата на еврокомесарот Вархеји, според Османи, не е проблематична бидејќи земјава со добивањето датум за преговори станува внатрешно прашање на Унијата
Вицепремиерот Бујар Османи сѐ уште верува дека на 5 јули се можни фер, демократски и инклузивни избори, а притоа да се земе предвид состојбата со пандемијата од коронавирусот, нешто на што повика вчера и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по разговорите со лидерите на двете најголеми партии во земјава.
За Османи медијацијата на Вархеји во утврдувањето датум за избори не е проблематична бидејќи, како што вели. со добивањето одлука за почеток на преговори со ЕУ земјава веќе станува внатрешно прашање на Унијата.
„Тоа е внатрешно посредување бидејќи ние веќе сме дел од семејството. Тоа е како некој внатре во државата да посредува меѓу одредени политички партии или институциите. Така ја разбирам и улогата на комесарот Вархеји кој е комесар на Унија каде ние веќе полека стануваме дел. Тој вид на медијација е добредојден и се надевам дека политичките партии ќе смогнат сили да постигнеме консензус. Се согласувам апсолутно со неговиот твит дека се потребни фер демократски и инклузивни избори имајќи ги предвид сите околности во врска со пандемијата“,
изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Во врска со уредбата што синоќа ја донесе Владата, а е поврзана со одредени изборни дејства, Османи истакна дека таа се повикува на претходната уредба донесена во март во која беше прекинат рокот за избори.
„Со донесување на вчерашната уредба всушност направивме само некои прецизирања од аспект на контрола на изборниот список, повикувајќи се на законската норма, но и неколку обврски што треба да ги направи Министерството за здравство за да ги обезбеди заштитните лични средства за ДИК. Сѐ уште се надевам дека комуникацијата помеѓу политичките партии ќе продолжи во идните денови.Се уште мислам дека има простор за еден правичен инклузивен процес на 5 јули“,
рече Османи.
Дали вонредната состојба ќе биде продолжена, според Османи, ќе се направи проценка во текот на утрешниот ден. Тој не сакаше да прејудицира каква ќе биде препораката од Владата, и рече дека ќе се направи пресек на епидемиолошките трендови и потоа ќе биде изграден став кој ќе му биде предложен на претседателот Стево Пендаровски.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоси во изјава за „360степени“ денеска оцени дека не може со уредби да се дерогира целиот правен систем на државата и повтори дека се потребни околу 50 дена за ажурирање на Избирачкиот список откако Владата синоќа ја измени Уредбата за изборниот процес, со што, практично, изборите треба да се одржат на 5 јули, доколку нема продолжување на вонредната состојба.