Вицепремиерката порачува века Османи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста
Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска го повика шефот на дипломатијата Бујар Османи да каже дали 28-годишната презентерка и несудена конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, е вработена во Министерството за надворешни работи (МНР).
„Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција“,
вели Грковска за „Дојче веле“.
Името на Бесмира Ејупи одекна во јавноста кога беше објавено дека 28-годишната телевизиска презентерка ќе биде конзулка во Њујорк. Деновиве, пак, таа е актуелна во јавноста по тоа што ВМРО-ДПМНЕ објави дека сега е вработена во Министерството за надворешни работи (МНР).
Премиерот Димитар Ковачевски пред два дена, пак, ги упати новинарите да се обратат до МНР, а оттаму досега ниту ги демантираат ниту ги потврдуваат ваквите информации.
Во меѓувреме, Ејупи се споменуваше во јавноста откако беше обелоденето дека земала хонорари од Државното правобранителство и од четири општини: Чаир, Сарај, Брвеница и Петровец. За ова ДКСК поднесе иницијатива до Јавното обвинителство да се поведат постапки до одговорните лица во овие општини.
Вчера Алсат ТВ, пак, објави дека на листата институции од каде што презентерката земала пари е и Јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“ откако во периодот од 11 мај 2021 до 16 август 2022 била дел од Надзорниот одбор на оваа институција.