Новинарката потпишувала договори на дело, а во извештаите за завршена работа, според ДКСК, на пример во Државното правобранителство, секој месец биле користени исти зборови, иста содржина, ист распоред, дури се користел еден терк за секој месечен извештај. Извештај со ист наратив таа користела и за ангажманот во Општина Чаир каде што била ангажирана во одделение за општи и заеднички работи, а такво одделение во оваа општина, според Антикорупциска, воопшто не постои. Во Сарај, пак, таа била ангажирана за позиција за која имало предвидено работно место, но тоа воопшто не било пополнето. Во извештаите од Сарај, според ДКСК, нема ниту збор за извршени активности кои биле дел од договорот. Слични „задачи“ според договорот таа имала и за ангажманот во Општина Брвеница. Петровец, пак, е четвртата општина каде што имала договори, а антикорупционерите забележуваат дека ист наратив има и во тие извештаи
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука да поднесе иницијативи до Јавното обвинителство за покренување постапки за гонење на одговорните лица на општините Петровец, Сарај, Брвеница и Чаир и Државното правобранителство, за склучените договори за дело со новинарката Бесмира Ејупи, која беше во фокусот на јавноста кога излегоа информации дека била планирана за конзулка во Њујорк.
„Основа за овој предмет се написите кои се појавија во медиумите во однос на исплата на средства по однос на договор за дело на едно лице од повеќе институции, односно како што е познато за новинарката Бесмира Ејупи која по основ на договори за дело добивала средства од четири општини и една државна институција. Имајќи предвид дека нашиот закон во член 2 вели дека под корупција се подразбира злоупотреба на функција, јавно овластување, службена должност или положба за остварување корист директно преку посредник за себе и за други, јасно е дека за овие ситуации постои таква можност за кривично гонење“,
рече Катица Николовска, член на ДКСК, која на денешната седница го образложи предметот од документите што ги добиле од институциите.
Таа појасни дека до сите нив било испратено барање за да достават соодветна документација поврзана со овој предмет. Од добиените документи, рече, се гледа дека ова лице со Државното правобранителство има два договора од март 2021 и сè уште активен во 2022 година со делокруг на работни задачи од Одделение за општи и заеднички работи, работно место за кое веќе имало вработено едно лице. Карактеристично, според Николовска, е дека во извештаите за извршените работи секој месец се користени исти зборови, иста содржина, ист распоред, дури се користи еден терк за секој месечен извештај.
Во општина Чаир истото лицето има два договори почнувајќи од 15 март 2021 година, согласно кои треба да врши студиско-аналитички нормативно-правни работи од делокруг на Одделение за општи и заеднички работи, што како што истакна Николовска, се буквално истите задачи предвидени во ангажманот во Државното правобранителство.
„Она што е интересно е што Општина Чаир воопшто нема одделение за општи и заеднички работи и нема советник за општи и заеднички работи. Очигледно е дека постои координирана активност на кој основ и по кој модус да се ангажира лицето за да обезбедува приходи. Во јануари 2022 година договорот со ова лице е раскинат“,
рече таа.
Според Николовска, во извештаите има ист наратив како во оние за сработеното од Државното правобранителство, но, како што вели, дополнително е известено и за следење на медиумите поврзано со Општина Чаир и на градоначалникот, како и за активностите за време на изборната кампања.
Ова лице имало и три договори со Општина Сарај, од 1 април 2021 година, со кои требало да организира работи кои се во надлежност на градоначалникот, како протокол, прес-конференции, средби и друго. Според ДКСК, од доставениот акт за вработени во општинската администрација евидентно е дека во систематизацијата имало предвидено работно место со активности што се преклопуваат со задолженијата од договорот доделени на ова лице, а утврдено е и дека работното место е пополнето.
„Во извештаите за извршени работи е наведено дека таа ги следела медиумите и нивните објави поврзани со Општина Сарај, но и за локални избори. Во ниту еден извештај нема ниту збор за извршени активности кои биле дел од договорот“,
истакна Николовска.
Според неа, законите предвидуваат раководното лице во институцијата да може да пополни работно место преку договор за определено работно, што, како што истакна, не значи и договор за дело како во случајот, но за замена на привремено отсутен работник, привремено зголемен обем на работа, сезонска работа, непредвидени краткотрајни активности, работа на проекти и пополнување на посебни места во кабинети на избрани личности.
Ова значи, нагласи Николовска, дека во Државното правобранителство и општините Сарај и Чаир не бил исполнет услов на ваков начин да биде вработено лице бидејќи, како што рече, за сите тие работни задачи кои се исполнуваат на одредено работно место веќе се ангажирани лица.
Законски, додаде таа, институциите не можат да ангажираат лица за физичка или интелектуална работа врз основа на договор на дело повеќе од 1 отсто од број на вработени во претходна година односно повеќе од три лица во институции каде вкупниот број вработени лица е помал од 300 лица, а работата врз основа на договорот да не трае подолго од 24 месеци. Но, додаде таа, има и исклучок од ова решение, кој предвидува со согласност од Министерството за финансии да може да се ангажираат лица над утврдениот процент и со подолго траење од предвиденото, што, нагласи, остава можност за злоупотреби.
Ејупи имала два договора и со Општина Брвеница од мај 2020 до декември 2021 година, но по нив не ѝ биле исплатени средства. Сепак, нагласи Николовска, интересно е што задачите што ѝ се доделуваат се со исти активност како во Државното правобранителство и во општина Чаир. Се користел, рече, истиот образец на модел на договор.
„Но во април 2021 година има уште еден договор со средства исплатени и тој се повикува на закон за вработување и осигурување во случај на невработеност“,
рече Николовска додавајќи дека и во овој случај извештаите за извршената работа се со наратив и природа на работи кои соодветствуваат со работите од извештаите доставени од Државното правобранителство.
Во Општина Петровец, пак, ова лице било ангажирано за следење јавни повици за потреби на општината, поднесување барања за предлог проекти грантови, подготовка и поднесување на потребна документација, комуникација со донатори, надлежни министерства и други државни органи, превод на документација… Но, појасни Николовска, ова е поразличен договор, иако, како што рече, извештаите за извршени обврски се со идентичен наратив секој месец, како и со извештаите од другите општини и Државното правобранителство. Таа посочи дека е евидентно оти во нив нема ниту еден збор за активности за кои била ангажирана.