„Јас гледам во континуитет една висока доза шовинизам од страна на опозицијата, особено насочена кон жените и тоа во континуитет се случува и тоа не е добро“, кажа премиерот Ковачевски откако вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со тврдење оти несудената конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, е нововработена во МНР како соработник во Одделението за правни работи
Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, премиерот Димитар Ковачевски не даде конкретен одговор дали несудената конзулка во Њујорк, Бесмира Ејупи, е вработена во Министерството за надворешни работи, посочувајќи одговори на прашањето да се бараат од ресорниот министер.
„Прво беше дали била конзул, па се испостави дека не е, како што кажав. Меѓутоа, второ, таа била вработена во општина која што подолг период е водена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Така што треба да се провери дали е вистина за да видиме кои се мотивите за такви напади“,
рече премиерот.
Изјавата на Ковачевски следува откако вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со тврдење оти Бесмира Ејупи е нововработена во МНР како соработник во одделението за правни работи.
„Јас гледам во континуитет и што не ми се допаѓа е една висока доза шовинизам од страна на опозицијата, особено насочена кон жените и тоа во континуитет се случува и тоа не е добро“,
кажа премиерот.
Претходно вчера, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа со тврдење дека Бесмира Ејупи, несудената генерална конзулка во Њујорк, од неодамна е нововработена во Министерството за надворешни работи, како соработник во одделението за правни работи.
Според изјавата на портпаролот на оваа партија Наум Стоилковски, веќе е почната постапка за добивање картичка за евидентирање на влез и на излез на Ејупи, како и влез во компјутерскиот систем, за што според информациите е почната процедура за безбедносен сертификат „доверливо“ за Бесмира Ејупи.