По изнесените докази и сведочења, советот предводен од судијата Ненад Савески од Кривичниот суд Скопје не најде кривично дело
Полицискиот службеник Игор Марков од гевгелиско Негорци, кој минатата година ја застрела 23-годишната мигрантка Фатмата Камара од Сиера Леоне, по што таа почина во болница во Гевгелија, е ослободен од обвинение.
По изнесените докази и сведочења, советот предводен од судијата Ненад Савески од Кривичниот суд Скопјене најде кривично дело.

Обвинетиот и неговите адвокати денеска не беа присутни во судницата.
Судот изрази жалење и сочувство до блиските и до сопругот на мигрантката и посочи дека право на жалба до Апелацискиот суд имаат во рок од 15 дена по прием на пресудата.
„Патот на мигрантите до остварување на нивната цел да стигнат до место кое за нив ветува подобар живот е придружен со многу предизвици, ризици и опасности. Но, надежта за подобар живот е водилката која ги мотивира мигрантите да се впуштат во една ваква цел полна со неизвесност. Судот изразува сочувство до присутниот сопруг Кабубака Камара и до семејството на 23-годишната Фатмата. Ова судење беше многу емотивно. Загубата за изгубениот не може ништо да ја компензира, но Судот одлуките ги носи врз основа на Уставот и законот и врз база на поднесените докази“,
рече судијата Савески.
Незадоволство од пресудата изрази Глигорие Ќатоски, полномошник на оштетените лица – сопругот, мајката и сестрата.
„Секако дека не можеме да бидеме задоволни од ослободителната пресуда. Ќе почекаме да ја добиеме и писмено образложената пресуда. Согласно законот за кривична постапка, како полномошници на оштетен, немаме право да подмесуваме жалба на ослободителната пресуда, тоа право го има јавниот обвинител. Се надевам дека таквото право ќе биде искористено“,
рече тој.
На 26 септември од Обвинителството соопштија дека е поднесен обвинителен акт против полициски инспектор за сторено кривично дело тешки дела против општата сигурност.
Настанот се случи на 19 април минатата година во близина на Гевгелија, кај местото викано Стара касарна. Обвинетиот полициски службеник, кој бил раководител на смена, бил известен дека група мигранти илегално ја преминале државната граница. Полициските службеници, се вели во извештајот од Обвинителството, се поставиле во близина на објект во изградба кај поранешната касарна во Гевгелија.
Според извештајот, обвинетиот и покрај тоа што бил свесен дека на местото на настанот има поголема група лица – мигранти, како и тоа дека во раката држи огнено оружје полно со муниција, испукал еден истрел предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на насобраните лица. Испуканиот истрел ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела на задно седиште во возило нанесувајќи ѝ повреда во задниот дел на десното рамо. Како резултат на здобиените повреди, таа починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница – Гевгелија.