Полицискиот службеник се впуштил во борба со возачот на автомобилот кој ги пренесувал мигрантите, иако знаел дека во раката држи службено оружје полно со муниција, со кое можеле да бидат загрозени и животите и сигурноста на целата група мигранти и при борбата испукал од службеното оружје. Куршумот ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која како резултат на здобиените повреди, починала откако била пренесена во гевгелиската болница, се вели во извештајот од Обвинителството
Полицискиот службеник кој ја застрела мигрантката Фатмата Камара од Сиера Леоне, по што таа почина во болница во Гевгелија, е обвинет за тешки дела против општата сигурност, информираат од Основното јавно обвинителство.
Во извештајот на Обвинителството се вели дека полицискиот службеник се впуштил во борба со возачот на автомобилот кој ги пренесувал мигрантите, иако знаел дека во раката држи службено оружје полно со муниција, со кое можеле да бидат загрозени и животите и сигурноста на целата група мигранти и при борбата испукал од службеното оружје.
„Испуканиот истрел ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела на задното седиште во возилото нанесувајќи ѝ повреда во задниот дел на десното рамо, па како резултат на здобиените повреди мигрантката починала откако била пренесена во ЈЗУ Општа болница Гевгелија“,
се додава во извештајот.
Настанот се случи на 19 април годинава во раните утрински часови во близина на Гевгелија, кај местото викано „Стара касарна“. Обвинетиот полициски службеник, кој бил раководител на смена, бил известен дека група мигранти илегално ја преминале државната граница. Полициските службеници, се вели во извештајот од Обвинителството, се поставиле во близина на објект во изградба кај поранешната касарна во Гевгелија.
„Откако во дворот на касарната биле забележани две возила во движење марка ‘форд фокус’ и ‘мерцедес’, обвинетиот издал наредба на двајца полициски службеници да се упатат кон главниот влез на касарната, додека тој тргнал кон групата мигранти. Кога обвинетиот се приближил на околу педесетина метри зад возилото ‘форд фокус’ го забележал сега осудениот како излегува од него. Во меѓувреме групата мигранти се стрчале кон ‘мерцедесот’, а обвинетиот откако им дал звучен сигнал од неговото возило, се упатил кон нив со цел да го лиши од слобода второосудениот кој веќе ги прифаќал мигрантите туркајќи ги и обидувајќи се да смести што повеќе од нив внатре во возилото“,
додаваат од Обвинителството.
Пред да почне препирката за оружјето, полицаецот му дал сигнал на криумчарот и го предупредил со зборовите „Стоп, полиција“, но криумчарот не се одзвал на предупредувањето. Обвинетиот полициски службеник повторно го предупредил да застане и да престане да ги прифаќа мигрантите во своето возило, овој пат држејќи го службениот пиштол во рацете. И тоа предупредување било безуспешно, по што дошло до пресметката.