Од Општина Центар велат дека со вонредниот инспекциски надзор ќе се разјаснат околностите кои довеле до донесувањето на планот во 2014 година, кој ги опфаќа Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, бара вонреден инспекциски надзор на блоковите 10, 28 и 43 од Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07, која ги опфаќа Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.
Ова е на барање на жителите од улиците „Козара“, „Питу Гули“ и „Салвадор Аљенде“, за што се расправаше на последната седница Советот на Општина Центар, при што произлезе задолжение до градоначалникот Герасимовски од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да побара вонреден инспекциски надзор на планот.
„Бидејќи Советот му даде задолжение на градоначалникот да се обрати до Вас, бараме во рамките на Вашите законски надлежности, да ја испитате околноста, можностите и рамките за извршување на вонреден инспекциски надзор врз ДУП Градска четврт Ј 07 (донесен на 18.7.2014) околу неговото донесување, особено за блоковите 10, 28 и 43 и за истото да нѐ известите во најкус можен рок“,
се вели во барањето испратено до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Од Општина Центар велат дека со вонредниот инспекциски надзор ќе се разјаснат околностите кои довеле до донесувањето на планот во 2014 година.