Реакцијата на Чаир следува откако ДУИ вчера соопшти дека компанија основана во јули 2024 година за кратко време успеала да добие четири јавни договори од Општина Чаир во вредност од над 3,4 милиони евра
Општината ја отфрла како неоснована тезата дека времето на основање на компанијата може да биде критериум за нејзино учество во тендерска постапка. Оттаму велат дека Законот за јавни набавки не дозволува ограничување на економските оператори врз основа на периодот на нивното постоење, бидејќи тоа би било спротивно на начелата на еднаков третман, недискриминација и обезбедување конкуренција
Општина Чаир денеска ги демантира обвинувањата на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за наводни неправилности при доделувањето тендери вредни над 3,4 милиони евра, нагласувајќи дека сите постапки за јавни набавки се спроведени во целосна согласност со Законот за јавни набавки.
Од Општината посочуваат дека во процесот се почитувани принципите на законитост, транспарентност, еднаков третман и обезбедување конкуренција меѓу економските оператори.

Реакцијата на Општина Чаир следува откако ДУИ вчера соопшти дека компанија која е основана во јули 2024 година, за кратко време успеала да добие четири јавни договори од Општина Чаир во вредност од над 3,4 милиони евра.
Од партијата побараа надлежните институции да ги испитаат сите околности поврзани со доделувањето на договорите.
Од Општина Чаир, пак, наведуваат дека постапките за проектите „Реконструкција на водоводен систем и фекална канализација во населба Саат Кула“, „Реконструкција на водоводен систем и фекална канализација во населба Дижонска“ и „Изградба на училишен затворен спортски базен за ООУ „7 Март“ се реализирани преку Електронскиот систем за јавни набавки, со почитување на принципите на законитост, транспарентност, еднаков третман и конкуренција.
Оттаму нагласуваат дека во тендерските постапки се доставени и евалуирани понуди од заинтересирани економски оператори, а избраните компании ги исполниле сите законски, технички и финансиски услови утврдени во тендерската документација.
„Во рамки на тендерските постапки се доставени и евалуирани понуди од повеќе заинтересирани економски оператори, а Комисијата за јавни набавки изврши детална проверка на исполнетоста на условите за учество, критериумите за избор и техничките спецификации предвидени во тендерската документација. По завршувањето на евалуацијата е утврдено дека избраните економски оператори во целост ги исполнуваат сите предвидени услови и критериуми, а понудените цени се во рамките на обезбедените финансиски средства“,
се вели во соопштението од Чаир.
Воедно, Општината ја отфрла како неоснована тезата дека времето на основање на компанијата може да биде критериум за нејзино учество во тендерска постапка.
Оттаму велат дека Законот за јавни набавки не дозволува ограничување на економските оператори врз основа на периодот на нивното постоење, бидејќи тоа би било спротивно на начелата на еднаков третман, недискриминација и обезбедување конкуренција.
„Согласно одредбите од Законот за јавните набавки, договорниот орган нема законска основа да го зема предвид времето на основање на економскиот оператор како фактор при утврдувањето на неговата способност за учество во постапката за јавна набавка. Исто така, договорниот орган не смее да пропишува услови или критериуми со кои би се ограничувало учеството на економските оператори врз основа на периодот на нивното постоење, односно да бара тие да бидат регистрирани или да вршат дејност одреден број години пред објавувањето на постапката, иако нагласуваме дека избраната фирма согласно приложената документација е основана неколку години пред да биде избрана како изведувач во конкретните проекти“,
се вели во демантот од Чаир.
Ваквите услови, како што наведуваат оттаму, би биле спротивни на основните начела на Законот за јавните набавки, особено на начелата на еднаков третман, недискриминација и обезбедување конкуренција меѓу економските оператори.
„Способноста на економскиот оператор се оценува врз основа на исполнувањето на законски пропишаните услови, неговата техничка и професионална способност, финансиска состојба и другите критериуми утврдени во тендерската документација, а не врз основа на датумот на неговото основање или времетраењето на неговото работење“,
додаваат од Општината.
Од Општината дополнително посочуваат дека финансиските средства за реализација на проектите се обезбедени преку капитални дотации од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Министерството за образование и наука, со што, како што велат, се создадени услови за непречена реализација на проектите од значење за локалната инфраструктура и образованието.

Од ДУИ и денеска изразија сомнежи околу начинот на кој компанијата „НУМ КОНСТРАКШН ЛТД“, основана во јули 2024 година, успеала да добие јавни договори од Општина Чаир во вредност од над 3,4 милиони евра.
Според партијата, објавените документи покажуваат дека компанијата добила четири значајни тендери, од кои два биле доделени во периодот кога градоначалник на Чаир бил Висар Ганиу, а два во времето кога со општината раководи Изет Меџити.
Од ДУИ посочуваат дека дополнителни сомнежи предизвикува и поврзаноста на Аднан Синани, кој, како што велат, во јавноста важи за човек од најблискиот круг на Меџити, со адресата на која работи компанијата.
Во соопштението партијата бара одговори на повеќе прашања, меѓу кои кој ја препорачал компанијата, како е можно новоформирана фирма за краток период да добие јавни договори вредни над 3,4 милиони евра и дали постоеле лични, семејни, деловни или политички врски што влијаеле врз овие постапки.
