Повреденото лице, додаваат од Обвинителството, се здобило со тешка телесна повреда – убодна рана во градниот кош. Лицата што во тој момент биле пред угостителскиот објект го однеле повредениот во тетовската болница, од каде што како итен случај бил препратен во Клиничкиот центар во Скопје
Триесетдневен притвор му е одреден на 36-годишник од селото Стримница кој вчера пред угостителски објект во селото со нож нападнал и пробол сосед, информираат денеска од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово.
Повреденото лице, додаваат од Обвинителството, се здобило со тешка телесна повреда – убодна рана во градниот кош. Лицата што во тој момент биле пред угостителскиот објект го однеле повредениот во тетовската болница, од каде што како итен случај бил препратен во Клиничкиот центар во Скопје.
Во описот на настанот од Обвинителството се наведува дека на оваа пресметка ѝ претходела расправија во дворот на џамијата каде што имало петочна молитва.
Повреденото лице во дворот на џамијата имал расправија со градоначалникот на Општина Желино кој присуствувал на молитвата. Сега осомничениот, заедно со неговиот татко, ја забележал расправија, а бидејќи од претходно знаеле дека станува збор за лице што е агресивно, се доближиле да го смират. Но, бидејќи тој не се смирувал, додаваат во описот од Обвинителството, физички ги нападнал и го удрил во глава таткото на сега осомничениот.
Другите присутни лица ги раздвоиле и ја прекинале физичката пресметка, но подоцна се случил кривично-правниот настан, велат од ОЈО Тетово.
Триесет и шестгодишникот е осомничен за кривично дело убиство според член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Инцидентот вчера го потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму рекоа дека во дворот на џамијата во селото Стримница 33-годишниот Ф.Б. вербално го нападнал Б.С. (34), градоначалник на Општина Желино, а физички нападнал друго лице И.И., по што се дал во бегство.
Од полицијата појаснија дека потоа Ф.Б. дошол во угостителскиот објект каде што бил 36-годишниот О.И., син на И.И., по што настанала расправија. Во расправијата О.И. му нанел убодна рана на Ф.Б. по што самиот се пријавил во Полициското одделение Групчин.
За целиот случај информации сподели и градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу. Тој на својот фејсбук-профил напиша дека лице лекувано во психијатриската болница во Бардовци му се заканувало и барало од него да го вработи.
Тој посочува дека лицето не го познава ниту со него имал претходни проблеми. Сепак, неговите сознанија се дека поради психијатриски проблеми бил сместен во болницата во Бардовци, како и дека бил осуден на неколку години затвор за сторени кривични дела.