Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) велат дека опожареното возило е на новинарка Сузана Вренцовска од онлајн медиумот „СакамДаКажам.мк“. Од ЗНМ го осудуваат инцидентот и го повикаа Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент

Возило „бмв х3“ со охридски регистарски таблички било запалено синоќа во 21.30 часот на улицата „Париска комуна“ во Охрид.
Како што информираат од Секторот за внатрешни работи од Охрид за опожареното возило пријавила 50-годишната охриѓанка С.В. која рекла дека автомобилот бил пред нејзиниот дом.
Од СВР Охрид велат дека пожарот бил навремено изгаснат и нема повредени лица.
На местото на опожарувањето на возилото увид извршила екипа од охридската полиција, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид.
Оттаму велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
По соопштението од СВР Охрид со реакција се јавија од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од каде велат дека опожареното возило е на новинарка Сузана Вренцовска од онлајн медиумот „СакамДаКажам.мк“
Од ЗНМ го осудуваат инцидентот и го повикаа Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент.
„Возилото било запалено на 05 јануари 2025 година, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано. Според првичните информации, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт“,
се вели во реакцијата од ЗНМ.
Оттаму велат дека овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Од ЗНМ велат дека ова не е изолиран инцидент и потсетуваат дека во октомври минатата година беше запалено и возилото на Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип.
„Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“,
се додава во соопштението.
Од ЗНМ ги повикуваат надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.
„Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите“,
се вели во реакцијата.