Уште еден опожарен автомобил во Прилеп, овој пат настрада возило марка „пежо“ на раководителката на Секторот за урбанизам во општината. Информацијата ја потврдија и МВР и самата општина Прилеп.
Пожарот се случил рано изутрината во 01:00 часот.
„На 21.07.2022 во СВР Битола – ОВР Прилеп е пријавено дека околу 01.00 часот на ул „Киро Нацевски Фетак“ настанал пожар во патничко моторно возило „пежо“, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Н.Р.(65) од Прилеп. Пожарот е изгаснат од страна на територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема. Увид изврши увидната екипа на ОВР Прилеп.“, велат од МВР.
велат од МВР.
Од општина Прилеп велат дека ова е обид за нарушување на безбедносната состојба во градот.
„Општината и Советот на Општина Прилеп веќе неколку месеци бараат одговорност од Министерството за внатрешни работи и ОВР Прилеп. Но се чини дека после сите апели од градоначалникот и советниците, централната власт и надлежните институции остануваат глуви и ги оставаат граѓаните на Прилеп секоја ноќ да стравуваат за својата безбедност и безбедноста на својот имот.“,
велат од општината.
Оттаму бараат Министерството за внатрешни работи да понесе одговорност и да најде начин за да ги превенира ваквите случувања кои се зачестија во изминатиот период.
Во пожар вчера изгоре и автомобилот на пратеникот Петар Ристески. Задржани се две лица, од кои едниот заработи осумдневен притвор, но поради тоа што го искршил својот мобилен телефон кога му бил побаран од полициски службеник. За второто лице истражителите веруваат дека има информации околу палњето на автомобилот.
Ова е трет случај на опожарен автомобил на јавен службеник од овој град. Претходно настрада и автомобилот на директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп.