Втор месец по ред се чини дека нема да има доволно резерви за задоволување на потребите, што значи дека семејствата во централна и јужна Газа ќе добијат само еден пакет со храна
Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е повеќе од катастрофална, предупредија вчера Обединетите нации.
Повеќе од еден милион луѓе во јужниот и централниот дел на Газа не добија ниту еден оброк во август преку хуманитарна помош, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
„И покрај предизвиците со кои се соочуваме, ОН и другите хуманитарни организации продолжуваат да прават сè што е можно за да им ја обезбедат на Палестинците потребната помош за да преживеат“,
рече тој.
Помеѓу 19 август и крајот на месецот, 450 000 готвени оброци подготвени во 130 кујни секојдневно се доставувале до семејствата низ Појасот Газа.
„Вреди да се повтори дека хуманитарната ситуација во Газа и понатаму е повеќе од катастрофална и дека сè уште ги немаме сите услови неопходни за поддршка на луѓето, ниту блиску до степенот до кој тоа навистина им е потребно“,
рече Дужарик.
На медиумите сè уште им е забранет влезот во Газа
Поради повеќекратните наредби за евакуација издадени од израелските безбедносни сили, 70 кујни мораа да престанат со работа или да се преселат.
Втор месец по ред се чини дека нема да има доволно резерви за задоволување на потребите, што значи дека семејствата во централна и јужна Газа ќе добијат само еден пакет со храна.
Дужарик додаде дека по 11 месеци војна, на меѓународните медиуми сè уште им е забрането да влезат во Газа за да известуваат за хуманитарните последици.
„На Западниот Брег, израелските сили продолжуваат да користат смртоносни воени тактики. Медицинските установи се практично под опсада повеќе од една недела, со наметнати строги ограничувања за движењето на амбулантите и медицинскиот персонал“,
рече Дужарик цитирајќи извештаи од организацијата за итна помош на ОН, OCHA.
Израел блокираше и бомбардираше големи делови од Газа
OCHA, исто така, предупредува дека ова ги продлабочува хуманитарните потреби на луѓето, како и несигурноста, и предизвикува загриженост за прекумерната употреба на сила, додаде тој.
Израел блокираше и бомбардираше големи делови од Појасот Газа во војната што започна откако палестинската милитантна група Хамас започна невидени напади врз Израел на 7 октомври, при што загинаа повеќе од 1 200 луѓе.
Според здравствените власти во Газа, под контрола на Хамас, повеќе од 40 000 луѓе се убиени на палестинска територија од почетокот на војната.