Важноста на договорот за извоз на жито од Украина истекува за три недели, а генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на негово продолжување велејќи дека тоа е неопходно за да се обезбеди глобална безбедност со храна
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш ги повика Русија и Украина да го обноват договорот според кој, од Украина беа извезени над осум милиони тони жито и се намалија глобалните цени на храната. Важноста на договорот истекува за три недели, на 19 ноември, а Гутереш повика на негово продолжување велејќи дека тоа е неопходно за да се обезбеди глобална безбедност со храна.
„Влијанието на договорот потпишан во Истанбул е јасно покажано. Извозот на житарки и други прехранбени производи во рамките на црноморската иницијатива за жито надмина девет милиони тони“,
рече Гутереш во петокот.
Гутереш, исто така, ги повика другите земји, главно западните, да го забрзаат отстранувањето на пречките што го блокираат рускиот извоз на житарки и ѓубрива.
„Ако храната и ѓубривата не стигнат до светските пазари сега, земјоделците нема да имаат ѓубрива во вистинско време и по цена што можат да си ја дозволат со почетокот на сезоната на садење, а со тоа ќе ги загрозат посевите во сите региони во светот во 2023 и 2024 година“,
додаде тој.
Русија и Украина во јули годинава се согласија за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од оваа земја. Договорот беше потпишан од министри од двете земји на 22 јули, а е со посредство на Обединетите нации и Турција.
Украинскиот извоз на жито опадна откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари и ги блокираше нејзините пристаништа на Црното Море, што ги зголеми светските цени на храната. Со потпишувањето на договорот меѓу Киев и Москва, три црноморски пристаништа беа деблокирани.