Обединетите нации предупредуваат дека пандемијата со коронавирусот може да предизвика широк спектар на психолошки заболувања и ги повика државите да го вклучат менталното здравје и психосоцијалните проблеми во нивниот план за борба против ковид-19, се наведува во документот на светската организација објавен денеска.
Во него се посочува дека пандемијата сериозно влијае врз менталното здравје на медицинските работници, работници кои ги изгубиле работните места, семејствата со деца кои учат од дома, па се’ до старите лица кои страдаат од осаменост и вознемиреност, пренесува Би-би-си.
Во документот се наведува дека доброто ментално здравје е клучно за функционирањето на општеството и дека доколку отсуствува грижата за тоа, светот ќе се соочи не само со пандемија, туку и со психичка здравствена криза.
Голем број меѓународни организации кои се борат против семејното насилство укажаа дека изолацијата поради пандемијата го зголемува процентот на вакви случаи. Такви примери доаѓаат од Франција, Хрватска, од Кина и САД, а на ова предупредија и ОН, преку видеопораката што ја испрати генералниот секретар Антонио Гутереш.