Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер предупреди дека во руралните средини е забележан пораст на семејното насилство за 32 отсто за една недела.
Најголем пораст од 36 отсто е забележан во средините кои се во префектурата на полицијата на Париз.
За да им овозможи на жените жртви да повикаат помош, Кастанер објасни дека со Националното здружение на фармацевти е договорено да се воспостави систем за тревога во рамките на аптеките за да се алармира полицијата.

Полицијата ќе добие упатства за да може итно да интервенира, осигурувајќи дека борбата против семејното насилство е приоритет.
Сличен начин на алармирање за физичко и сексуално насилство – преку шифра – воведоа и шпанските власти. Со кампањата „Против семејно насилство, ‘Маска 19’“ на жените им става на располагање можност да пријават семејно насилство во најблиските аптеки.
„Оние што стравуваат за својот физички, психолошки или сексуален интегритет, било да се работи во семејството или на улица, можат да влезат во аптека и да побараат ‘Маска 19’“,
објавија шпанските медиуми.
Кина
Слични примери како во Франција стигнуваат и од Кина, каде што три недели од воведувањето на изолацијата е забележана трипати поголема стапка на семејно насилство отколку претходно.
„Поради актуелната ситуација, партнерите ги напуштаат домовите многу поретко од претходно, што ги спречува жртвите да повикаат помош или да се јават во советодавниот центар, а исто така и посетите од мрежите за поддршка и социјалните служби се намалени“,
вели Кајта Григер од германското здружение „Жените против насилство“ во разговор за Дојче веле.
Единствен аларм во вакви ситуации според експертите се соседите, кои доколку забележат ваков случај веднаш треба да го пријават.

И мрежите за заштита на жртвите од семејно насилство во САД предупредија на ваква можност.
Во изјавата објавена од Американската национална линија за пријавување семејно насилство изминатиот викенд, се истакнува дека насилниците може да ја искористат ситуацијата на изолација.
„Злоупотребата е за моќ и контрола. Кога преживеаните се принудени почесто да остануваат во домот или во близина на насилник, тој може да користи секаква можност за да воспостави контрола врз својата жртва, во случајов тоа е состојбата со ковид-19“,
се вели во соопштението.
Балкан
Ни Балканот не е далеку од европската и светската слика за овој проблем. Црна Гора објави дека изолацијата поради коронавирусот предизвикала зголемување од 20 проценти на бројот на случаи на семејно насилство и не се исклучува можноста дека таа бројка ќе се зголемува во наредните недели.
Во март Националната СОС-линија за жртви на семејно насилство забележа пораст од 20 проценти во повиците, според координаторката за Никшиќ, Наташа Меѓедовиќ, јави РТЦГ.

Во последната седмица, линијата на СОС имала 69 повици, што е за околу 20 проценти повеќе од претходната недела што, пак, за организациите за заштита од семејно насилство воопшто не е изненадувачко во услови на домашна изолација.
Податоците од Хрватска се дека на 18 март, за само 24 часа, полицијата евидентирала вкупно 34 случаи на насилство, од кои најмалку две биле за семејно насилство. Системот на алармирање засега во оваа земја останува ист, со пријава во полиција, на СОС-телефоните или во самите организации за заштита.
Целосната забрана на движење би ја влошила ситуацијата
Причината за зголемените тензии, според експертите, лежи во фактот што жртвите и насилниците се по цел ден во исти простории. Дополнителен стрес предизвикуваат и ситуации кога се работи од дома, а некои поради економските последици од пандемијата останале без работа или им се заканува отказ.
Од здруженијата ги предупредуваат властите дека доколку дојде до целосна забрана за движење, ситуацијата ќе се вложи бидејќи тогаш жртвите буквално ќе бидат затворени со насилниците.