Наредбата наметнува финансиски и визни санкции против „поединци и членови на нивните семејства кои помагаат во истрагите на МКС во кои се вклучени американски државјани или сојузници“, се наведува во документот во кој увид имал Си-ен-ен
Обединетите нации денеска го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да ја укине извршната наредба со која се одобруваат економски санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС).
„Длабоко жалиме за индивидуалните санкции објавени вчера против судскиот персонал и бараме оваа мерка да се повлече“, изјави портпаролката на Канцеларијата за човекови права на ОН Равина Шамдасани,
пренесува „Гардијан“.
Трамп потпиша наредба за санкционирање на МКС во Хаг за напади врз САД и нивните сојузници, како што е Израел.
Наредбата наметнува финансиски и визни санкции против „поединци и членови на нивните семејства кои помагаат во истрагите на МКС во кои се вклучени американски државјани или сојузници“, се наведува во документот во кој увид имал Си-ен-ен.
Земјите-членки на МКС потпишаа заедничка декларација во која се критикува одлуката на САД за воведување санкции кон судот, јави Анса.
Меѓу 97-те земји-членки кои ја потпишаа декларацијата се Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија. Италија не ја потпишала заедничка декларација.
Во декларацијата се наведува дека санкциите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп „сериозно би ги загрозиле сите случаи кои моментално се под истрага, бидејќи МКС можеби ќе мора да ги затвори своите теренски канцеларии“.