Србија продолжува со вакцинацијата против ковид-19, а досега се вакцинирале 450 илјади граѓани. Но, според д-р Предраг Кон, тоа не е доволно за во земјата да се создаде колективен имунитет.
Кон, кој е и член на Кризниот штаб, вели дека потребно е да се вакцинираат над еден милион луѓе за да може да се создаде одреден колективен имунитет.
„Треба да вакцинираме околу милион и пол луѓе за да можеме да кажеме дека ваквите бранови (на епидемијата) не можат да се повторат. Тоа е трипати повеќе отколку што досега вакциниравме“,
изјави Кон за ТВ Прва.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, за РТС изјави дека интересот за вакцинација е поголем од очекувањата и дека во моментов се пријавиле повеќе од 850 илјади лица. Тој посочи дека до среда бројот на вакцинирани може да ја надмине бројката од половина милион и најави пристигнување на нови дози на вакцините.
„Започнува и ревакцинацијата и ние секогаш размислуваме чекор напред. Покрај пунктовите што ќе ги отвориме надвор од здравствените установи, ќе ги отвориме и пунктовите во здравствените установи – клиничките центри, клиничко-болничките центри, здравствените домови, општите болници“,
рече Ѓерлек.
Според него, најважно е што Србија обезбедила вакцини и дека денеска се очекува нова достава на вакцините на „Фајзер“, а има доволно и кинески и руски вакцини „спутник В“ .
Кога станува збор за состојбата со епидемијата, Ѓерлек оцени дека не треба да се создава паника, но дека бројките кои беа во ноември и декември се екстремни и застрашувачки и не се репер за да се каже дека ситуацијата сега е одлична.
„Сè уште имаме 4 илјади луѓе во болниците, 140 пациенти на респираторни машини. Ова се сериозни бројки кои не ни дозволуваат да се опуштиме“,
кажа Ѓерлек.