Од Клиниката за радиотерапија и онкологија информираа дека таму денеска се приведени три лица, меѓу кои и ексдиректорот Нино Васев, додека од Обвинителството не го потврдуваат тоа
Извршени се претреси на три локации и задржани се четири лица, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) во врска со денешните дејствија во врска со случајот „Онкологија“. Од ОЈО нагласуваат дека се продолжува со дејствијата.
Од Обвинителството утринава информираа дека преземените дејствија се по налог на јавен обвинител.
По објавата во дел од медиумите дека денеска е приведен ексдиректорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Нино Васев, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија потврдија дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител и оти сите други информации се неофицијални.
Организацискиот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Халид Матоши денеска во изјава за медиумите потврди дека од Клиниката денеска се приведени три лица меѓу кои и поранешниот директор Нино Васев. Од другите двајца, Матоши вели дека едното е медицинско лице од Онкологија, а другото е вработено.
И директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Виолета Клисарова потврди дека од нивната Клиника денеска се приведени три лица.
За тоа дали имало и други претреси, Клисарова рече дека таа не е информирана, но не ја исклучува можноста, а исто така не знае и дали се одземени доказни материјали и досиеја.
Клисарова и Матоши нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен.
Она што таа го потврди е дека универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.
Случајот „Онкологија“ се откри откако неделникот „Фокус“ минатата година објави серија текстови за постоење на разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.
Потоа од Јавното обвинителство потврдија дека има акција на Клиниката и во неа се прибираат докази во рамки на предистражна постапка, а претреси беа направени во два приватни стана, при што беа одземени компјутери и документација.
За случајот „Онкологија“ минатата година имаше неколку протести кои почнаа масовно, со голем број граѓани кои излегуваа, но со секој нареден протест нивниот број беше сè помал.
Собранието на крајот на септември формира Анкетна комисија која требаше да утврди политичка одговорност за скандалот со Клиниката за онкологија и радиотерапија. Пред Анкетната комисија излагање имаа поранешни министри за здравство, актуелни и поранешни директори на Клиниката за онкологија, директори на Фонд за здравство, како и директори на други институции.
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, политичка одговорност ја лоцира кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.