По информациите во медиумите дека е приведен Нино Васев, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија уште еднаш потврдуваат дека се преземаат дејствија и велат дека сите други информации се неофицијални
По објавата во дел од медиумите дека денеска е приведен ексдиректорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Нино Васев, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за „360 степени“ уште еднаш потврдуваат дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител и оти сите други информации се неофицијални. Повеќе детали за денешните активности од Обвинителството не откриваат.
Од утринава, како што дознава „360 степени“, се извршени претреси на Клиниката за онкологија кај лица за кои постои сомнеж дека се поврзани со случајот „Онкологија“.
Од Министерството за здравство (МЗ) информираат дека Онкологија денеска функционира нормално.
„На Клиниката за онкологија и радиотерапија се вршат редовни прегледи и на пациентите континуирано им се дава терапија. Исто така, пациентите ги добиваат редовните третмани“,
се наведува во соопштението на МЗ.
За другите информации поврзани со претресите кај лица кои се осомничени дека се поврзани со случајот „Онкологија“од Здравство упатија на надлежните институции кои ги водат овие процеси.
Случајот „Онкологија“ се откри откако неделникот „Фокус“ минатата година објави серија текстови за постоење на разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.