Основното јавно обвинителство во Тетово ја отфрли кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности против претседатели, заменици-претседатели и членови на избирачките одбори во општините Желино и Боговиње, непознати лица кои помагале со поттикнување, помагање и соизвршителство, како и против полициски службеници кои ги обезбедувале избирачките места за време референдумот од 30 септември 2018 година.
Во пријавата овие лица се товареа за кривичните дела злоупотреба на службена положба и овластување; несовесно работење во службата; злоупотреба на избирачко право; изборна измама; фалсификување или уништување деловни книги и повреда на тајноста на гласањето.
Во соопштението од ОЈО се наведува дека за проверка на наводите во пријавата биле сослушани пријавените лица и била прибавена целокупната документација од МВР и ДИК, при што е утврдено дека записниците на избирачките одбори од спроведеното гласање на државниот референдум се уредно пополнети и потпишани од претседателите и членовите на одборите без притоа да биде наведено дека имало какви било нерегуларности и неправилности во гласањето.
Нерегуларности не биле констатирани ниту од други лица кои биле ангажирани за следење на изборите, како што се набљудувачите од МОСТ, а воедно и полициските службеници кои на изборниот ден ги обезбедувале избирачките места истакнале дека на денот на изборите немало ситуација од која би произлегла потреба да реагираат во поглед на преземање на службени дејствија за пријавување и отстранување неправилности, велат од ОЈО.
Веднаш по референддумот, на почетокот на октомври, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски најави дека партијата ќе поднесе кривични пријави против 200 луѓе – претседатели, заменици-претседатели, членови и заменици членови на избирачки одбори во општините Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај, како и против полицајци, затоа што се сомневаат дека во овие општини имало сериозни изборни нерегуларности.