За две 14-годишни девојчиња се бара подготвителна постапка за кривичното дело насилство, еден 15-годишник се товари за истото дело, како и за неовластено снимање, а за ова дело се бара постапка и за четвртиот малолетник кој е на возраст од 14 години
Покрај барањето за подготвителна постапка, кое е своевиден еквивалент на наредба за истрага според Законот за правда на децата, надлежниот јавен обвинител побарал од судот во текот на постапката на малолетниците да им биде определена и мерка за претпазливост, односно забрана да се приближуваат и да воспоставуваат контакти помеѓу себе и со жртвата
Јавен обвинител од Одделението за малолетници при Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје до надлежен судија за деца поднел барање за поведување подготвителна постапка против четворица малолетници за случајот со меѓуврсничко насилство во скопски Аеродром, кога 12-годишно девојче беше физички нападнато од свои врсници.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во барањето за подготвителна постапка се опфатени две 14-годишни девојчиња за кои постои основано сомневање дека извршиле дејствие кое согласно Кривичниот законик (КЗ) е квалификувано како кривично дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1. За еден 15-годишник се бара подготвителна постапка за помагање при извршување на истото кривично дело, како и за неовластено снимање од член 152 став 1, а за ова дело се бара постапка и за четвртиот малолетник кој е на возраст од 14 години.
Инаку, поднесеното барање за подготвителна постапка е своевиден еквивалент на наредба за истрага, со тоа што постапката не ја води јавен обвинител, туку судија за деца во надлежен суд, а согласно со Законот за правда на децата.
Покрај барањето за подготвителна постапка, надлежниот јавен обвинител побарал од судот во текот на постапката на осомничените малолетниците да им биде определена и мерка за претпазливост, односно забрана да се приближуваат и да воспоставуваат контакти помеѓу себе и со жртвата.
Според описот на настанот, од Обвинителството наведуваат дека пријавените девојчиња на 30 јуни на игралиште зад трговски центар во Скопје ја загрозиле сигурноста на 12-годишното девојче, со тоа што ја принудувале да клекне и да им се извини, а потоа ја удирале со шлаканици и ја влечеле за коса.
„Од ударите оштетената се здобила со телесни повреди, а кај нејзината другарка сведок на настанот и во јавноста било предизвикано чувство на несигурност загрозување и страв“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Едно од момчињата, пак, помагало во дејствијата, односно во малтретирањето на девојчето, така што давало совети, насоки и охрабрување како двете малолетнички да го извршат делото. Двете момчиња за кои се бара поведување постапка направиле видеоснимка од чинот на насилството без согласност на оштетената малолетничка со што ја повредиле нејзината приватност. Снимката потоа им ја пратиле на насилничките.
Како што информираат од Јавното обвинителство, во насилството учествувало уште едно дете во ризик, кое е на возраст од 13 години поради што согласно законот не може кривично да одговара.
За настанот што се случи зад трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром и кој предизвика бурни реакции во јавноста откако се појави видеоснимка на социјалните мрежи, од Министерството за внатрешни работи (МВР) пред два дена соопштија дека се поднесени кривични пријави за четири деца и петмина родители.
Од МВР информираа дека Одделението за криминалистичка полиција при Одделението за криминалистички работи (ОКР) Аеродром и Драчево, во координација со ОКР Кисела Вода, до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против две малолетнички за кривично дело насилство. Кривична пријава е поднесена и против еден малолетник за кривични дела поттикнување и неовластено снимање, како и против уште еден малолетник за кривично дело неовластено снимање.

Пријави се поднесени и против петмина родители – И. В., М. В., М. П., И. А. и И. А. за сторено кривично дело запуштање и малтретирање дете.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на 2 јули во изјава за медиумите рече дека на разговор биле повикани сите инволвирани страни, односно дека прво е остварен разговор со жртвата и нејзиниот родител, како и дека се извршени и потребните медицински прегледи за констатирање на повредите. На разговор биле повикани и директните извршители на насилството, сведоците на настанот, како и децата што го снимале инцидентот, заедно со нивните родители.
