„Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка во предметот за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Постапката е во фаза во која течат роковите предвидени во Законот за кривична постапка, по што јавноста ќе биде известена во однос на јавнообвинителската одлука и доказниот материјал“, потврдија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија
Скопското Основно јавно обвинителство ја завршило истрагата за предметот за злоупотреби со терапија на Клиниката за онкологија, но дали, кога и против кого ќе биде поднесено обвинение од Јавното обвинителство засега се воздржани во одговорот, појаснувајќи дека во тек е фазата од постапката во која течат роковите предвидени со Законот за кривична постапка.

За постетување, истрагата за случајот, кој во јавноста е познат како „Онкологија“, беше отворена пред повеќе од една година, односно на на 31 јануари 2024 г. За злоупотреби со онколошката терапија на Клиниката осомничени двајцата поранешни директори на оваа јавна здравствена установа, Нино Васев (медицински директор) и Нехат Нухи (ексорганизациски директор), како и тројца доктори онколози, кои, како што беше соопштено тогаш, се товарат за помагање.
„Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка во предметот за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Постапката е во фаза во која течат роковите предвидени во Законот за кривична постапка, по што јавноста ќе биде известена во однос на јавнообвинителската одлука и доказниот материјал“, велат од Јавното обвинителството на Република Северна Македонија.
Според телевизијата Телма, роковите од Законот за кривична постапка наведени во кусиот одговор од Обвинителството, се однесуваат на одбраната која треба да во рок од 15 дена да направи увид во доказите и евентуално да достави свои.
Од Обвинителството засега нема одговор и дали го добиле вештачењето од Словенија, каде на анализа беа пратени историите на 51 пациент кои се лекувале на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Инаку, на брифинг со новинарите во декември од Обвинителеството потврдија дека го добиле вештачењето од Србија, каде предмет на анализи беа болничките истории на 16 пациенти, а кои ги потврдиле сомнежите за несоодветно лекување.
Шефот на Основото јавно обвинителство Скопје, Гаврич Бубевски во телевизиско гостување на почетокот на месецов, рече дека во моментот нема потежок случај во Обвинителството од предметот „Онкологија“, затоа што многу судбини се во прашање.
„Обвинителството може и ќе ги казни сите оние што презеле дејствија што не смееле да ги преземат, во рамки на нивните овластувања, и како лекари и како директор. Потоа, што не направиле, а требало да направат и што направиле, а не смееле да направат. Во таа насока се и вештачењата, а детали од нив ќе бидат презентирани кога ќе имаме соодветен јавнообвинителски акт“, рече Бубевски на 4 февруари во интервју за ТВ Телма.
Случајот „Онкологија“ почна да се одмотува на 1 септември 2023 година, кога по серија новинарски написи, Обвинителството и полицијата извршија претреси во Клиниката и во два стана.
Пет месеци подоцна, односно на 31 јануари, лани ОЈО Скопје соопшти дека предистрагата е завршена и случајот преминува во повисока фаза – истражна постапка.
Во истрагата осомничени се двајцата поранешни директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Никола Нино Васев, ексмедициднски директор на Клиниката, и Нехат Нухи, поранешен организациски директор на Онкологија во периодот од октомври 2021 до април 2022 година.
Основаните сомневања за кои ги товареше Обвинителството во истрагата се однесуваа на два моменти – дека во нетранспарентни постапки, без објавување јавни огласи, за време на нивното директорување биле набавувани лекови на реверс. На овој начин се создавал вишок на лекови и терапии. Вториот момент е дека биле пропишувани повеќе лекови, односно била раздолжувана вишок терапија од тоа што требало да го примаат пациентите. Каде одел тој вишок, треба да биде познато откако Обвинителството ќе објави детали за завршувањето на постапката и при евентуалното покренување обвинение.
Тогаш беше наведена и сума од 30 милиони евра, пари кои биле злоупотребни со ваквиот начин на манипулирање со онколошката терапија.

Обвинителката во Основното јавно обвинителство Скопје, Ана Гоговска-Јакимовска која го води случајот во интервју за емисијата „Код“, емитувано на 12 февруари лани, говорејќи за предметот рече дека во доказите кои Обвинителството ги прибавило и анализирало во предистражната постапка, не упатуваат упатуваат на директна злоупотреба на пациентите, во смисла дека им биле кратени лекови и терапии.
За случувањата на Онкологија на крајот на септември 2023 година беше формирана и Анкетна комисија во Собранието која требаше да утврди политичка одговорност за скандалот. Пред Анкетната комисија излагање имаа поранешни министри за здравство, актуелни и поранешни директори на Клиниката за онкологија, директори на Фонд за здравство, како и директори на други институции.
Претседателката на Анкетната комисија, пратеничката Рашела Мизрахи, политичка одговорност ја лоцира кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, кои се сега осомничени, потоа поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.
Заклучоците не беа изгласани, затоа што пратениците од СДСМ не се согласија со нив, оти како што рекоа станува збор само за заклучоци на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и побараа оставка од Мизрахи.