Во случајот „Онкологија“, за кој ОЈО Скопје денеска отвори истрага, се осомничени пет лица – двајца поранешни директори на Клиниката и тројца лекари онколози. Поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија се товари за седум кривични дела злоупотреба на службената положба и измама во службата
Од досегашната истрага нема докази дека лекови од Клиниката за онкологија завршувале на „црниот пазар“, но, како што наведоа од скопското обвинителство, продолжуваат со прибирање документи и не е исклучена можноста од проширување на истрагата во периодот што следува
На 1 септември во вечерните часови веста која одекна во јавноста и оттогаш не се стиши беше дека полициски екипи во координација со Основното јавно обвинителство влегле во Клиниката за онкологија и вршат претреси во неа, како и во два стана.

Утре се навршуваат точно пет месеци од овој момент, кој може да се означи како почеток на предистражната постапка за еден од најголемите скандали кој ја одбележа минатата година, а ќе продолжи и во месеците од оваа, а можеби и во наредните години.
На еден ден пред да навршат пет месеци, Основното јавно обвинителство соопшти дека предистрагата дошла до сознанија и докази за случајот да премине во понапредна фаза на истражна постапка.
За отворањето на истражната постапка и за досегашните сознанија за тоа што се случувало на Клиниката во периодот од 2017 до 2022 година денеска на брифинг со новинарите информираа шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, и обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска, која е една од двајцата обвинители што го водат случајот што предизвика бура во јавноста.
За што се осомничени поранешните директори на Онкологија
Во истрагата осомничени се двајца поранешни директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Никола Нино Васев, ексмедициднски директор на Клиниката, и Нехат Нухи, поранешен организациски директор на Онкологија во периодот од октомври 2021 до април 2022 година.
Основаните сомневања за кои во оваа фаза од истрагата ги товари Обвинителството се однесуваат на два моменти – дека во нетранспарентни постапки, без објавување јавни огласи, за време на нивното директорување биле набавувани лекови на реверс. На овој начин се создавал вишок на лекови и терапии. Вториот момент е дека биле пропишувани повеќе лекови, односно била раздолжувана вишок терапија од тоа што требало да го примаат пациентите. Каде одел тој вишок, истрагата допрва ќе треба да утврдува.
Иако на денешниот брифинг не беа споменати имињата на осомничените, според периодот кога бил медицински директор и кога се сторени делата што му се ставаат на товар, првоосомничен е медицинскиот ексдиректор на Онкологија, Нино Васев.
Поранешниот медицински директор, како што брифира обвинителката Гоговска-Јакимовска, е осомничен за седум кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и едно кривично дело измама во службата. Организацискиот директор, исто така, е осомничен за измама во службата.
За истото дело се осомничени и тројца лекари онколози, но за помагање.
Седумте кривични дела за кои е осомничен ексмедицинскиот директор се однесуваат на седум јавни набавки на лекови и терапии на Клиниката за радиотерапија и онкологија во периодот од 2017 до 2022 година.
За двајцата поранешни директори, по наредбата за спроведување на истражната постапка, Обвинителството побара, а попладнево Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека го прифатил предлогот на Васев и Нухи да им бидат определени мерки за претпазливост – да им бидат одземени пасошите, да не го напуштаат живеалиштето и да се јавуваат пред службено лице во Судот. На ексмедицинскиот директор му е забрането да презема работни активности, односно да се појавува на работното место.
За тројцата доктори онколози Обвинителството не побарало никакви мерки за обезбедување присуство бидејќи тие се осомничени за помагање.
Што е утврдено досега
Во однос на двајца директори – медицинскиот и организацискиот – истрагата досега утврдила дека биле набавувани лекови на реверс пред да биде склучен на договор за јавна набавка и без согласност на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
„Во период од 2018 до 2021 година осомничениот медицински директор не ги фактурирал кон Фондот лековите кои се набавени и им се пропишани на пацинетите од биолошката терапија, а биле преземани обврски над износот на одобрениот основен буџет на годишно ниво“,
рече на брифингот обвинителката Гоговска-Јакимовска.

Клиниката, како што посочи таа, вршела и делење на набавката на еден ист лек и спроведувала постапка со преговарање без објавување оглас во неколку наврати, а дел од набавките биле правени во многу краток временски период.
Во врска со пропишувањето на лековите на пациентите, таа наведе дека според досегашната истрага, спротивно на регистрациските одобренија на лековите, протоколите за лекување, постои недоследност во дозирањето на лековите и во тајмингот на апликацијата.
Како што појасни обвинителката, тоа не значи дека била кратена или не им била давана терапија на пациентите, туку дека била раздолжувана вишок терапија од тоа што треба да го примаат пациентите.
Прашана дали со оглед на тоа дека за биолошките лекови има начин и протокол на колку дена се пропишуваат е утврдено отстапување, односно дали наместо на 21 ден лековите да биле пропишувани на седум, три или два дена, само за во документите да фигурираат што повеќе излезени и оправдани лекови, обвинителката кусо одговори:
„Има. Меѓутоа досега не најдовме да кажам некоја голема бројка, туку изолирани случаи“
Исто така, биле издавани скапи лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија на пациенти еден ден пред да починат.
Одговарајќи на новинарско прашање, обвинителката беше децидна дека досега не е најден доказ дека биле издавани терапии на пациенти откако веќе починале.
Во досегашната постапка, рече обвинителката, прегледани биле повеќе од 500 – во хартиена форма – истории на пациенти и повеќе од 25 000 електронски записи за пациенти.
Во сметководствената евиденција на Клиниката, според обвинителката, утврдена е разлика меѓу месечните податоци за издадените лекови од аптека и примени лекови на одделите на Клиниката.
„Клиниката во критичниот период нема донесено формална процедура за процес на прием издавање, трошење и евидентирање резерва на лекови во рамките на аптеката и секој оддел посебно поради што Клиниката нема точна слика на расположливи количини кој се наоѓаат во аптеката и по оддели, со што е доведена во состојба да не ги знае точните количини кои се потребни неделно месечно и годишно“,
кажа обвинителката на брифингот.

Таа посочи оти треба да се има предвид дека за секоја пропишана и издадена терапија медицинскиот директор давал потпис и печат во историите.
Засега нема докази дека лекови од Онкологија завршувале на црниот пазар
Обвинителката во кратки црти наведе и кои се следните чекори наведувајќи дека сè уште се прибира документација. Она што треба да го одговори истрагата е тоа дали и каде одел вишокот од лековите и терапијата кои биле набавувани. Засега нема докази дека завршувале на црниот пазар.
Според скопското обвинителство, од прибавените докази и материјали од Косово, кои во моментот се анализираат, не произлегуваат сознанија дека терапијата од Клиниката за онкологија завршувала таму или дека државјани на Косово примале терапија од Клиниката во Скопје.
Од Албанија, како што додаде обвинителката, сè уште се чекаат материјали.
Инаку, Случајот „Онкологија“ се откри откако неделникот „Фокус“ минатата година објави серија текстови за постоење на разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.
За случувањата на Онкологија на крајот на септември беше формирана и Анкетна комисија во Собранието која требаше да утврди политичка одговорност за скандалот. Пред Анкетната комисија излагање имаа поранешни министри за здравство, актуелни и поранешни директори на Клиниката за онкологија, директори на Фонд за здравство, како и директори на други институции.
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, политичка одговорност ја лоцира кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, кои се сега осомничени, потоа поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.
Заклучоците не беа изгласани, затоа што пратениците од СДСМ не се согласија со нив, оти како што рекоа станува збор само за заклучоци на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и побараа оставка од Мизрахи.
За случајот „Онкологија“ минатата година имаше неколку протести кои почнаа масовно, со голем број граѓани кои излегуваа, но со секој нареден протест нивниот број беше сè помал.
Сепак, случајот остана да ја бранува јавноста, а за тоа говори и интересот што го предизвика вчерашното приведување осомничени и отворањето истрага од страна на Обвинителството.