„По однос на пациентите, досега од доказите не произлезе дека имаме директна злоупотреба на пациентите и во оваа насока би сакaла да истакна дека дел од новинарските истражувања врз основа на кои беше спроведена темелна проверка на Клиниката за онкологија ни беа од особена важност за текот на постапката, но дел од тие новинарски истражувања, насоки не се потврдија во текот на предистражната постапка“, вели обвинителката во интервју за емисијата „Код“ емитувано вчера на ТВ Телма
Еден дел од сведоците кои давале изјави во медиумите, подоцна во јавното обвинителство во записник, како што кажа обвинителката, дале сосема спротивна верзија на настаните. Сепак, додава таа, неспорно е дека постои основано сомнение за незаконска исплата за набавка и трошење на терапијата, спротивно на процедурата и спротивно на медицинските протоколи
Доказите кои Основното јавно обвинителство Скопје ги прибавило и анализирало во досегашната предистражната постапка за случајот „Онкологија“ не упатуваат на директна злоупотреба на пациентите, во смисла дека им биле кратени лекови и терапии.
Ова во интервју за емисијата „Код“ емитувано синоќа на ТВ Телма (11.2.2024 г) го кажа и појасни обвинителката на скопското Основно јавно обвинителство Ана Гоговска-Јакимовска која го води случајот.
Обвинителката во интервјуто го појасни она што можеше да се извлече како заклучок по брифингот со новинарите што таа и шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, го одржаа на 31 јануари, а на кој информираа дека случајот оди во понапредна фаза, односно дека е издадена наредба за отворање истражна постапка.
Имено, од кажаното тогаш, а и како што изјави обвинителката во разговорот за „Код“, доказите на Обвинителството не одат во насока на наводите и тврдењата кои ги објавија дел од медиумите кои ги истражуваа злоупотребите на Онкологија, дека на пациенти им било кратено од терапијата, а на дел од нив им бил даван и физиолошки раствор наместо лек.
Напротив, доказите на Обвинителството водат кон спротивното. Дека на пациентите не им била ускратувана терапијата, туку им бил натпишуван вишок од тоа што требало да го примаат. Поедноставно кажано, ако некој пациент требало да прими една доза, му биле пропишувани две или повеќе. Во еден случај, на пациент му биле пропишани и осум терапии повеќе од потребните. Скапи терапии биле давани на пациенти и еден ден пред да починат.
Во случајот осомничени се двајца поранешни директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија – медицинскиот, Нино Васев и организацискиот, Нехат Нухи, како и тројца доктори онколози. Основаните сомневања за ги товари Обвинителството се однесуваат на два моменти – дека во нетранспарентни постапки, без објавување јавни огласи, за време на нивното директорување биле набавувани лекови на реверс, без тендер и без дозвола на Фондот за здравствено осигурување. На овој начин се создавал вишок на лекови и терапии. Вториот е, овој, дека биле пропишувани повеќе лекови, односно била раздолжувана вишок терапија од тоа што требало да го примаат пациентите. Каде одел тој вишок, истрагата допрва ќе треба да утврдува. Ваквата пракса, за која обвинителството досега собрало докази и материјали траела од 2019 до 2022 година.
„По однос на пациентите досега од доказите не произлезе дека имаме директна злоупотреба на пациентите и во оваа насока би сакала да истакна дека дел од новинарските истражувања врз основа на кои беше спроведена темелна проверка на Клиниката за онкологија ни беа од особена важност за текот на постапката, но дел од тие новинарски истражувања, насоки не се потврдија во текот на предистражната постапка“,
вели Гоговска-Јакимовска во интервјуто.
Еден дел од сведоците кои давале изјави во медиумите, подоцна во јавното обвинителство на записник, како што кажа обвинителката, дале сосема спротивна верзија на настаните.
Сепак, додава таа, неспорно е дека постои основано сомение за незаконска исплата за набавка и трошење на терапијата, спротивно на процедурата и спротивно на медицинските протоколи.
На директно прашање на новинарката, дали кога вели дека пациентите не се директно злоупотребени сака да кажете дека не им се кратени нивните дози или терапијата, обвинителката одговара:
„Досега во текот на оваа постапка, значи на предистражната постапка такво нешто не утврдивме“
Гоговска-Јакимовска во интервјуто го појасни и делото измама во службата за кои се осомничени Васев, Нухи и тројцата лекари онколози, од кои последните само за помагање.
„Имено од доказите кои досега се прибавени се упатува на кривичното дело кое е предвидено согласно 355 од Кривичниот законик. Ова кривично дело го врши службено лице во вршење на службата, во конкретниот случај со намера да за друг да прибави противправна имотна корист со поднесување на лажни сметки или на друг начин со што го доведува во заблуда овластеното лице да изврши незаконита исплата. Ако со делото е прибавена значителна имотна корист како што е во овој случај, со оглед на сумата која ја имаме досега утврдено, предвидена казна согласно законот е најмалку три години затвор“,
рече обвинителката.
Во врска со тврдењата кои Васев лани ги изнесе пред собраниската Анкетна комисија дека 14 пати испорача дописи до Министерството за здравство дека е потребно да се набави биолошка терапија, бидејќи пациентите ќе останат без неа, обвинителката вели дека во докуметнацијата која тие ја прибавиле такви дописи нема.
„Од досега прибавената и анализирана документација утврдено е дека набавките на биолошка терапија на реверс од добавувачите, значи во време кога постапката за јавна набавка сè уште не била спроведена, не се случувале инцидентно, туку таквата набавка станала пракса на наведената Клиника во периодот од 2019 до 2022 година. Биле набавувани лекови на реверс, четири-пет-шест или седум месеци пред склучување на договорите со добавувачите. Во доставената документација нема такви дописи упатени од Клиниката за онкологија до Министерството за здравство со кои се бара да се забрза постапката за спроведување на јавната набавка“,
вели обвинителката.
Таа не сакаше да го коментира прашањето дали ваквата околност наведува дека осомничените сакале да ја злоупотребат терапијата кога не го известиле Министерството за здравство дека имаат потреба од ваква терапија.
Ова е почеток на истрагата и не би можела да кажам на каде ќе не води, беше дел од одговор на обвинителката на прашањето каде во целиот случај се медицинските сестри кои ги аплицирале, односно давале терапиите – дали тие се сведоци или сè уште ќе се истражува нивната инволвираност.
„Ние веќе кажавме дека истражуваме во повеќе насоки. Не би можела да најавам на каде ќе не води истражната постапка, но извесно е дека дел од медицинскиот персонал ќе бидат сведоци во оваа постапка, но не е исклучена можноста да имаме и нови осомничени, со оглед дека истражната постапка продолжува“,
вели обвинителката.
Со истрагата, како што претходно информираа Гоговска-Јакимовска и Бубевски се опфатени седум тендери. Терапиите чинеле од 15 до 5 000 и 6 000 евра. Со натпишувањето на лекови и терапии досегашните проценки на Обвинителството се дека со злоупотребата која е направена е прибавена имотна корист за друг во износ од околу 30 милиони евра.
„Спомената сума се однесува на сите дејствија кои се опфатени во постапката. Тоа е вкупната вредност која досега е утврдена. Од наша страна издадена е наредба за економско-финансиско вештачење и тоа вештачење е во фаза на изготвување и ќе видиме колку ќе биде точната сума“,
вели обвинителката во интервјуто.
Во однос на постапките кои се преземаат, Гоговска-Јакимовска рече дека според информациите кои ги има добиено вонредниот надзор од страна на Фондот за здравствено осигурување е завршен, но извештајот сè уште го очекуваат во Обвинителството. Во тек е и сè уште не е завршена анализата на издвоените медицински документации кои ги прават експерти во Словенија.
Обвинителката повтори дека од документите кои ги добиле од косовските колеги не укажуваат дека вишок терапиите оделе на тамошниот „црн пазар“, додека податоците побарани преку Интерпол Албанија сè уште ги очекуваат.
Сепак, како што вели Гоговска-Јакимовска, ништо не е исклучено и не може да биде исклучено додека трае истрагата.