Во поглед на итноста и построгото казнување, според насоките на ОЈО Скопје, треба особено да се има предвид дали лицата се повеќе пати застанувани и казнувани за исти прекршоци
Инаку, насоките на Основното јавно обвинителство доаѓаат по собраќајната несреќа во која пред точно еден месец смртно беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова
Основното јавно обвинителство Скопје одржало координативен состанок со полициските служби од Секторот за внатрешни работи Скопје на кои им се издадени конкретни насоки за поефикасно постапување во ситуации кога е загрозена безбедноста во сообраќајот.

Целта е, како што информираа денеска од Јавното обвинителство на Репулика Северна Македонија, да се овозможи поефикасен кривичен прогон на сторителите на овие дела и да се дејствува превентивно против зачестеното безобѕирно управуавње со моторните возила.
„Насоките налагаат задолжително итно постапување во ситуации кога при сообраќајна несреќа кај возачот/возачите е констатирано управување со возило без возачка дозвола (воопшто не е издадена), поминување на вклучено црвено светло на семафор, очигледна прекумерна брзина, состојба на пијанство, возење во спротивна насока, како и преминување на двојна полна линија. Итна постапка ќе се води и во ситуации каде возачот го напуштил местото на несреќата и не укажал помош на повредени пешаци или други лица. Итното постапување на полициските служби во вакви ситуации ќе му овозможи на јавниот обвинител да изврши проценка дали и со какви мерки треба да го обезбеди сторителот во текот на кривичната постапка и да ги заштити граѓаните од евентуално повторување на неговите дејствија“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Дополнително, дел од насоките предвидуваат, како доказ во прилог на кривичните пријави за ваквите дела, задолжително до Јавното обвинителство да се доставува и целосната прекршочна и кривична евиденција за осомничениот.
Кривичните пријави, како што се наведува, треба да содржат и колку што е можно попрецизни, детални и точни податоци за сведоците, а треба да се обезбедуваат и да се фотодокументираат сообраќајните знаци кои се во важност на локацијата каде што се случила сообраќајната несреќа.
Во поглед на итноста и построгото казнување, според насоките на ОЈО Скопје, треба особено да се има предвид дали лицата се повеќе пати застанувани и казнувани за исти прекршоци.
„Со овие насоки, дадени во рамките на раководната улога на јавниот обвинител во предистражната постапка, се прецизираат дел од веќе постојните дејствија на службите за обезбедување докази за кривични дела против безбедноста во сообраќајот“, велат од Обвинителството.
Инаку, насоките на Основното јавно обвинителство доаѓаат по собраќајната несреќа во која пред точно еден месец смртно беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова. За случајот е осомничен две години помладиот Васил Јованов, кој, според она што досега е познато во јавноста, а го соопштија истражните органи вечерта на 29 јануари, го управувал возилото без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминувајќи на црвено светло на семафорот ја прегазил Кулакова додека таа минувала на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, а меѓу нив дискусии предизвикаа и одлуките на правосудните органи за претходни случаи во кои бил инволвиран Јованов.
Сообраќајната несреќа во која смртно настрада Фросина ги поттикна граѓаните да излезат на неколку протести во Скопје и Неготино, од кои побараа правда за младата девојка, агилност кај надлежните и најстроги казни за оние што возат без дозвола и под дејство на алкохол и наркотици.