Од осумтемина осомничени, шест се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За настанот се пријавени и три малолетни лица, за кои постапката ќе се води согласно Законот за правда за децата.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум полнолетни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело- Учество во толпа што ќе изврши кривично дело во врска со настаните пред Собранието на Република Северна Македонија на 5 јули.
Како што стои во соопштението од ОЈО, осомничените, за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Oткако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието.
Притоа, на еден полициски службеник му нанеле тешка телесна повреда, а на 27 полицајци распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието и чување на јавниот ред и мир, им нанеле телесни повреди. Со дејствијата осомничените ја оштетиле фасадата на Собранието, искршиле прозорци, го искршиле објектот за обезбедување поставен од МВР, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство или да го повторат делото, па до судијата на претходна постапка достави предлози за определување притворска мерка за осомничените.