Одговарајќи на новинарски прашања пред зградата на судот, обвинителката на ОЈО ГОКК, Искра Хаџивасилева, рече дека се бара најстрога мерка за обезбедување присуство оти сметаат дека досегашните сомневања, квалитетот на доказите и вкупните околности се во насока дека таквата мерка во оваа рана фаза од истрагата е оправдана и пропорционална
Хаџивасилева како значајно го посочи тоа што, како што кажа, имало проактивен однос од одбраната на сите осомничени, чии размислувања оделе во насока да понудат гаранции
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) бара мерка притвор за поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев и уште тројца осомничени за коруптивни активности при јавна набавка поради опасност од бегство и влијание на истрагата, изјави обвинителката Искра Хаџивасилева.

Распитот на четворицата осомничени е завршен и се чека одлуката на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.
Во меѓувреме, одговарајќи на новинарски прашања пред зградата на судот, обвинителката на ОЈО ГОКК рече дека се бара најстрога мерка за обезбедување присуство оти сметаат дека досегашните сомневања, квалитетот на доказите и вкупните околности се во насока дека таквата мерка во оваа рана фаза од истрагата е оправдана и пропорционална.
„Ќе разберете дека ова е рана фаза од истрагата во која ќе се обезбедуваат дополнителни докази, меѓутоа досегашните сомневања, квалитетот на доказите и вкупните околности ни налагаат да одиме со предлог мерка притвор, која е најстрога мерка, но во оваа рана фаза е оправдана и пропорционална според оценка на Обвинителството“,
рече таа.
Хаџивасилева како значајно го посочи тоа што, како што кажа, имало проактивен однос од одбраната на сите осомничени, чии размислувања оделе во насока да понудат гаранции.
„Не ја знаеме одлуката на Судот, кратки се роковите, меѓутоа за Обвинителството е значајно ваквото размислување, со оглед на тоа што станува збор за финансиски криминал и дава основа за размислување и во таков правец во однос на оваа мерка“,
рече таа.
Прашана дали мерката притвор се бара поради страв дека осомничените би можеле да побегнат, обвинителката кажа дека тоа е едната причина, додека другата е опасноста од влијание врз истрагата, имајќи ги предвид, како што додаде, вкупните фактички околности, својствата и позициите на лицата кои се под истрага, односно осомничените.
Хаџивасилева, одговарајќи на дополнително прашање за очекувањата по однос на нивниот предлог, рече дека се надеваат дека судот ќе го прифати бидејќи, според неа понудиле аргументи за кои сметаат дека во оваа фаза од истрагата го оправдуваат ставот на Обвинителството по однос на мерката.
На прашањето дали е можно истрагата да се прошири и на други лица, таа изјави дека она што е основано сомневање во моментов се однесува на овие лица и истрагата го добива тој тек, но сепак, како што додаде, во истрагите за предметите што ги води Обвинителството за организиран криминал и корупција никогаш не се знае.
Поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на скопската општина Карпош, Стефан Богоев, уште три лица се осомничени дека наместиле тендер во Царината вреден околу 300 000 евра, а Богоев се товари и дека примил парична награда од 1 800 евра.
Од ОЈО ГОКК претходно денеска соопштија дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договор за јавна набавка за ангажирање фирма за надворешно одржување хигиена на терминали на гранични премини. Тие, според ОЈО ГОКК, фаворизирале одреден економски оператор и со ограничување на конкуренцијата ѝ овозможиле на фирмата да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18 479 692 денари.
Истрагата е отворена по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција и во рамките на неа четворицата осомничени се гонат за кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и примање и давање награда за противзаконито влијание.
Покрај Богоев, во истрагата опфатени се и поранешен помошник-директор на Царината, управител на фирма и вработен во неа.
Од Обвинителството информираа дека, според обезбедените докази, првосоомечениот ја искористил својата службена положба и како директор на Царинската управа во наведениот период влијаел врз спроведувањето на тендерот во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот како помошник-директор на Царината, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од тендерската постапка.
Според обезбедените докази, велат оттаму, првоосомничениот како ексдиректор на Царинската управа примил награда во износ од 111 600 денари, односно 1 800 евра за искористување на својата службена положба и реално влијание во врска со постапката.
