Од Обвинителството тврдат дека се бара притвор бидејќи постојат основани причини за опасност од бегство на обвинетиот
Основното јавно обвинителство отвори постапка против пејачот Ламбе Алабаковски, кој е осомничен за подметнување на пожарот во кој изгоре влезната врата на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„Јавното обвинителство во Битола отвори постапка за кривично дело – Предизвикување општа опаснот, поради основано сомнение дека пријавениот 34-годишник на 3 јуни во раните утрински часови, со пожар предизвикал значителна опасност по имотот од големи размери. Тој истурил бензин врз влезната врата од Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, ставил фитил на прагот и го запалил“
се вели во соопштението на Обвинителството.
Оттаму додаваат и дека е доставен предлог за определување на мерка притвор за пејачот поради опасност од бегство.
„Бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на фактот што тој има двојно државјанство на Р.С. Македонија и на САД каде живеел до неодамна, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“,
додаваат од Обвинителството.