Мартин Гоџо од населбата Варош вторпат го извади крстот од езерото
Честит и вечен да ни е празникот – рече поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, кога стотина капачи веќе влегоа во Охридското Езеро за да го фатат светиот крст. Но, крстот сѐ уште не беше фрлен, а пред да почне да се чита светото eвангелие, поглаварот повика капачите да бидат сопрени.
„Запрете ги! Запрете ги, ве молам. Застанете, назад“,
повика г.г. Стефан.
Но, дел од капачите не го послушаа повикот на поглаварот и останаа во водите на Охридското Езеро.

Додека се читаше светото евангелие, поглаварот го фрли светиот крст во езерото, но понастрана.
Светиот крст во Охрид го фати Мартин Гоџо од населбата Варош, за кого ова е вторпат да го извади крстот од езерото.
Во изјава по фаќањето на крстот, Гоџо посака здравје и спасение за сите.
Гоџо од архиепископот Стефан доби Библија и златно ланче со крст, додека од градоначалникот Кирил Пецаков доби икона со Свети Јован Крстител и крст изработен од филигран.

Тој заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посети домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.
Светиот крст во водите на Охридското Езеро беше положен од градското пристаниште.
Претходно беше отслужена богослужба и света литургија во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско со која чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
На чинот на положувањето на светиот крст присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, неколку министри и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков. Настанот беше масовно посетен од охриѓани, но и од домашни и странски туристи.